Почина македонскиот поет и писател Михаил Ренџов

На 88-годишна возраст, замина Михаил Ренџов, еден од најзначајните македонски поети и преведувачи, оставајќи зад себе огромно книжевно наследство. Роден на 25 август 1936 година во Штип, Ренџов својот живот го посвети на поезијата, правото и библиотекарството. Завршувајќи Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, подоцна се вработи во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ како советник по библиотекарство. Прв уредник на „Блесок Поезија“, Ренџов беше член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Во својата долга кариера, тој остави зад себе богат опус, автор е на над 20 книги поезија, драмски поеми и раскази. Некои од неговите најзначајни дела се: Иселеник на огинот (1965), Нерези (1982), Феникс (1987) и Јас оксиморон (1998). Покрај авторството, се истакна и како преведувач на класици, со што неговиот препев на епот Гилгамеш останува една од најважните книжевни придонеси.

Наградуван повеќекратно за својот творечки опус, Ренџов беше добитник на бројни признанија, меѓу кои и „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Прличев ловоров венец“ и „Рациново признание“.

МИХАИЛ РЕНЏОВ (1936 – 2024)

Различности

Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седало.
И дрво без седало.

Во седалото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.

Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката брмчи
И ни го населува увото
Другото постои заради различност.

Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тага сум јас

а постојам само заради
Различност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни