Почина „мајката на Еразмус“ – Софија Коради, жената што им го смени животот на 16 милиони студенти

Софија Коради, креаторката на Еразмус програмата, почина на 91 година. Нејзината визија овозможи милиони млади да студираат во Европа и да го прошират својот хоризонт.

Италијанката Софија Коради, креаторка на образовната програма Еразмус, која им овозможи на милиони млади да студираат во други европски земји, почина во Рим на возраст од 91 година, јавија вчера италијанските медиуми.

Софија Коради, која подоцна стана професорка на римскиот универзитет, како студентка ја добила престижната Фулбрајтова стипендија што ја однела на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што дипломирала право.

Предложила и започнала програма за размена

Кога италијанскиот образовен систем не ѝ ја признал американската диплома, таа предложила програма за студентска размена, која конечно започнала на ниво на Европската унија во 1987 година.

Од тогаш досега, според веб-страницата на програмата Еразмус, во неа учествувале околу 16 милиони студенти.

Програмата, со која управува Европската унија, поттикнува поголема соработка меѓу универзитетите и високошколските институции низ цела Европа.

„Мама Еразмус“

Софија Коради, или како што ја нарекуваа – „мама Еразмус“, изјавила дека идејата за програмата, родена за време на Студената војна, била нејзина „лична пацифистичка мисија“.

За италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, кој ѝ ги признава заслугите за „раѓањето на Европската генерација“, таа е жена која:

„Вдахна живот на милиони млади луѓе кои патуваа, студираа и прифаќаа различни култури.“

И францускиот претседател Емануел Макрон ѝ оддаде почит на социјалната мрежа X (поранешен Твитер):

„Таа сонуваше за европска младина збогатена од сопствените различности. Милиони студенти ѝ ги должат своите хоризонти.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни