Со длабока тага и неверување, Драмскиот театар од Скопје објави дека почина Ленче Делова, една од најпознатите македонски театарски, филмски и телевизиски актерки. „Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние – пријател и прекрасен човек. Почивај во мир. Искрено сочувство до семејството и најблиските“, стои во соопштението на театарот.
Ленче Делова е родена на 15 јуни во Скопје и својата актерска кариера ја започнува на само 16 години во Драмскиот младинско-детски театар, денешен Драмски театар во Скопје. Од 1970 година е редовна членка на театарот, каде останува верна до пензионирањето во 2013 година.
Во текот на својата кариера, Делова освои бројни награди, вклучувајќи ја и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, како и престижната награда „13 Октомври“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ во 1978 година.
Меѓу нејзините најзначајни улоги се: Пере во „Дундо Марое“ (1966), Жената во авијатичарска облека во „Ништо“ (1972), Александра во „Егор Буличов и другите“ (1975), Офелија во „Хамлет“ (1977), Франческа/Кека во „Рибарски караници“ (1979), Евдокија во „Солунски патрдии“ (1979), Естер во „Виктор или деца на власт“ (1981), Ивона во „Ивона, кнегиња бургундска“ (1984), Роза во „Игранка во времето на Лунаса“ (1995) и Трајанка во „Ни ќар, ни зијан“ (1996).
Ленче Делова ќе остане запаметена како актерка со еден од најспецифичните и најавтентични сценски сензибилитети во македонскиот театар, а нејзиниот лик и дело ќе бидат инспирација за генерации актери и љубители на уметноста.