Почина легендата на кечот Халк Хоган

Американската ѕвезда на професионалното борење, Халк Хоган, почина на 71-годишна возраст, јавува TMZ. Причина за смртта е срцев удар.

Последните месеци, Хоган се соочуваше со здравствени компликации по неколку хируршки интервенции, меѓу кои и операција на вратот. Иако неодамна неговата сопруга ги отфрли шпекулациите дека се наоѓа во кома, тој сепак не успеа да се опорави.

Хоган беше еден од најпрепознатливите ликови на светската кеч-сцена. Со своето спектакуларно однесување на рингот и харизматичен имиџ, успеа да го направи рвањето популарна форма на забава за целото семејство. Своевремено се сметаше за симбол на американската поп-култура.

Во текот на неговата долга кариера, Хоган беше дел од неколку епохални моменти во кечот. Во 1996 година го смени имиџот, од херој стана антагонист и го создаде познатиот „New World Order“ (NWO), движење што внесе нова динамика во светот на професионалното борење.

Првпат беше примен во „WWE Куќата на славните“ во 2005 година, но десет години подоцна беше отстранет поради расистички коментари снимен без негово знаење. Подоцна ја доби тужбата против медиумот што ја објави снимката. Во 2020 година повторно беше вратен во „Куќата на славните“, овојпат како член на NWO.

Покрај рвачката кариера, Хоган беше активен и во филмската индустрија. Настапи во филмови како „Rocky III“, „Mr. Nanny“ и „Suburban Commando“, а имаше и свое реално ТВ-шоу – Hogan Knows Best, кое ја следеше неговата семејна динамика.

Минатата година се појави на Републиканската национална конвенција во САД, каде приреди сценски настап што предизвика големо внимание.

Хоган зад себе остава генерации фанови и длабоко влијание врз културата на модерната забава.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни