По подолго боледување, на 73 годишна возраст, во Скопје почина композиторот и диригент Кире Костов, соопштија од Сојузот на композитори на Македонија чиј долгогодишен член беше Костов.
Костов е роден 1949 година во Битола. Средно музичко училиште завршил во Битола. Уште во тој период активно учествувал во културно-забавното живеење на Битола. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во периодот од 1970-1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје, а од 1988 година и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа.
Како трубач има снимено преку триста минути солистичка музика од областа на џезот, популарната музика, класичната музика и друго. Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот.
Костов бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади Си-До кој се одржуваше во Битола од 1991-2000 година, а бил и уметнички директор на Интерфест – Битола за популарна музика. Добитник е на бројни награди и признанија.