Во соопштението објавено во име на неговата сопруга и двете ќерки се наведува: „Со огромна тага ја соопштуваме смртта на нашиот сакан Крис. Тој почина мирно во болница порано денеска, по кратко боледување, опкружен со своето семејство.“
Реа во 2001 година беше дијагностициран со рак на панкреасот, по што му беше отстранет панкреасот, а во 2016 година преживеа мозочен удар.
Роден во 1951 година во Мидлсбро, Реа ја стекна светската слава кон крајот на 1970-тите и во 1980-тите со хитови како „Fool (If You Think It’s Over)“, „Let’s Dance“ и „The Road to Hell“. Сепак, неговата најпозната песна стана „Driving Home for Christmas“, вклучена во компилацискиот албум New Light Through Old Windows од 1988 година.
Според неговата официјална веб-страница, песната „ја раскажува приказната за изморен патник на пат кон домот, момент на топлина, хумор и празничен дух што никогаш не ја губи својата магија“. Првпат објавена во 1986 година, песната и годинава беше дел од божиќната реклама на M&S Food во Велика Британија.
Во текот на кариерата, Крис Реа објави повеќе од 25 студиски албуми, од кои два – The Road to Hell (1989) и Auberge (1991), се искачија на првото место на британската топ-листа за албуми.
Зад себе ги остави сопругата Џоан и ќерките Џозефин и Џулија.
Крис Реа (1951–2025)
Извор: Euronews