Почина диџејот Алфредо, легенда на музичката сцена на Ибица

Легендарниот диџеј Алфредо, икона на музичката сцена на Ибица, почина на 72-годишна возраст, пишува Гардијан.

Веста за неговата смрт ја соопшти клубот Амнезија од Ибица, каде настапуваше во 80-тите години.

„Ви благодариме за ноќите и ритмите што ги споделивме. Вашата музика и визија го обликуваа звукот на Балеарскиот бит и душата на Амнезија. Толку многу спомени се создадени благодарение на вашата енергија, а вашето наследство ќе живее засекогаш на нашиот подиум за танцување. Никогаш нема да се заборави“, напишаа тие во трогателна посвета.

Причината за смртта не е наведена, но се знае дека тој пред три години доживеал мозочен удар и живеел во пензионерски дом, а покрената бешее и кампања за помош околу трошоците за лекување.

Аргентинскиот диџеј Алфредо Фиорито имаше големо влијание на музичката сцена на Ибица и одигра значајна улога во создавањето на овој глобален центар на музичката култура. Живеел во Париз и Мадрид, а потоа се преселил на Ибица и работел како диџеј во бар.

Тој го презеде клубот Амнезија, сега култно место на Ибица, откако поранешниот сопственик му ги предаде клучевите и се пресели во Тајланд.

„Алфредо го имаше овој природен допир, многу уметнички, шпански начин на спојување песни и раскажување приказна. И секоја песна што ја пушташе имаше свој потпис на звукот“, се сеќава британскиот диџеј Дени Рамплинг.

„Во Англија во тоа време, клубовите свиреа само еден вид музика. Но, во Амнезија имавте 7.000 луѓе кои танцуваа на Синди Лаупер. Тоа беше целосна слобода”, изјави британскиот диџеј Пол Окенфолд за клубот на легендарниот диџеј.

Меѓу музичарите кои му оддадоа почит беше и Систер Блис од групата Faithless, која накратко рече: „Можеме да кажеме дека го промени светот на музиката на подобро“.

По неговиот успех на Ибица, диџеј Алфредо стана познат во странство и настапуваше на бројни настани, вклучително и настапи во Источна Азија во текот на 90-тите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни