Астронаутот Џим Ловел, командант на историската мисија „Аполо 13“ и еден од пионерите на американската вселенска програма, почина на 7 август во Лејк Форест, Илиноис, на 97-годишна возраст, соопшти НАСА.
„НАСА им изразува сочувство на семејството на капетанот Џим Ловел, чиј живот и работа инспирираа милиони луѓе низ децениите. Неговиот карактер и непоколеблива храброст ѝ помогнаа на нашата нација да стигне до Месечината и претворија потенцијална трагедија во успех од кој научивме многу. Жалиме за неговата смрт, дури и додека ги славиме неговите достигнувања“ се наведува во изјавата на вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи.
Ловел учествувал во две пионерски мисии „Џемини“ и во мисиите „Аполо“, трасирајќи пат што води кон идните мисии „Артемис“ за враќање на Месечината.
Како пилот на командниот модул на „Аполо 8“, заедно со колегите астронаути стана првиот човек кој полета со ракетата „Сатурн V“ и ја орбитираше Месечината, докажувајќи дека слетувањето е достижно. Како командант на „Аполо 13“, неговата смиреност под притисок помогна екипажот безбедно да се врати на Земјата, покажувајќи брзо размислување и иновативност што беа применети во идните мисии на НАСА.
Поради својот хумор, меѓу колегите бил познат како „Насмеаниот Џим“, прекар што го добил поради неговите брзи и духовити одговори.
Покрај работата во НАСА, Ловел ја служел и својата земја во воената морнарица, каде се истакнал како тест-пилот и горд дипломец на Морнаричката академија.
„Џим Ловел ја отелотвори смелата решителност и оптимизмот на минатите и идните истражувачи и ќе го паметиме засекогаш“, се наведува во изјавата на НАСА.