Почина Џорџо Армани – непрекосновениот крал на италијанската мода

Во 91-та година од животот, светот се прости со еден од највлијателните луѓе во историјата на модната индустрија – Џорџо Армани.

Веста за неговата смрт ја потврди групацијата „Армани“, соопштувајќи дека модниот дизајнер починал мирно, опкружен со најблиските.

Армани, кого вработените и соработниците со почит го нарекуваа „Господинот Армани“, работеше неуморно до последните денови од својот живот. Својата енергија ја вложуваше не само во дизајнирањето на колекции, туку и во развојот на нови проекти и унапредување на брендот кој го основа и го доведе до глобален успех.

Неговите креации ги носеа светски политички лидери, филмски ѕвезди, музички икони и влијателни личности од јавниот живот. Но, Армани не беше само моден дизајнер – тој создаде визија што ја надмина модата и стана дел од секојдневниот живот. Со остар ум и длабока свесност за времето во кое живееше, создаде стил кој зборуваше со луѓето – едноставен, елегантен и секогаш современ.

„Во текот на годините, Армани разви визија која излезе од границите на модата и го допре секој аспект од животот“, се наведува во соопштението на компанијата. „Воден од неисцрпна љубопитност и грижа за заедницата, тој секогаш беше внимателен кон потребите на луѓето. Особено силна беше неговата посветеност кон Милано, градот што го сакаше и кој му беше постојан извор на инспирација.“

Џорџо Армани беше симбол на независност – и во мислата и во делувањето. Неговата компанија, која опстојува веќе пет децении, и понатаму ќе ја води неговото семејство и тимот со истите вредности кои тој ги вгради во своето дело.

Светот изгуби голем визионер, но неговото наследство ќе продолжи да живее низ генерации – во облеката што ја носиме, во естетиката што ја вреднуваме и во начинот на кој се изразуваме преку стилот.

Почивај во мир, Џорџо Армани.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни