Почина јапонскиот антивоен активист кој го преживеа атомскиот напад на Нагасаки

Фукахори имал само 14 години кога САД на 9 август 1945 година ја фрлиле бомбата на Нагасаки, убивајќи десетици илјади луѓе, вклучувајќи ја и неговата фамилија.

Шигеми Фукахори, антивоен активист кој го преживеа бомбардирањето на Нагасаки со атомска бомба во 1945 година, почина во 93. година од животот. Фукахори починал во болница во Нагасаки, соопштила во неделата католичката црква Урками, каде што се молел скоро секој ден до минатата година. Локалните медиуми јавија дека починал од старост.

Црквата, која се наоѓа на околу 500 метри од местото каде падна атомската бомба, е широко позната како симбол на надеж и мир, бидејќи нејзината камбана и некои статуи го преживеале нуклеарното бомбардирање.

Фукахори имал само 14 години кога САД на 9 август 1945 година ја фрлиле бомбата на Нагасаки, убивајќи десетици илјади луѓе, вклучувајќи ја и неговата фамилија. Тоа се случило три дена по нуклеарниот напад на Хирошима, во кој загинале 140.000 луѓе.

Јапонија се предала неколку дена подоцна, ставајќи крај на Втората светска војна и речиси полувековната агресија на земјата ширум Азија.

Фукахори, кој работел во бродоградилиштето, со години не можел да зборува за тоа што се случило, не само поради болните сеќавања, туку и поради чувството на немоќ.

Пред 15 години, станал поотворен откако за време на посета на Шпанија се сретнал со човек кој го преживеал бомбардирањето на Герника за време на Шпанската граѓанска војна, кога исто така имал 14 години. Заедничкото искуство му помогнало на Фукахори да се отвори.

„На денот кога падна бомбата, слушнав глас кој бараше помош. Кога се приближив и ја притиснав раката, кожата на таа личност се истопи. Сè уште се сеќавам како беше тоа чувство“, изјавил Фукахори за јапонската национална телевизија NHK во 2019 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни