Американската администрација со недели планира да распореди припадници на Националната гарда во Чикаго, потег што го најави американскиот претседател Доналд Трамп за интензивирање на мерките за борба против криминалот и имиграцијата, објавија денес локалните медиуми.
Пентагон развива планови со кои би можеле да мобилизираат неколку илјади припадници на Националната гарда уште во септември во третиот по големина град во земјата, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани претставници.
Пентагон одби да ги потврди извештаите, а еден функционер рече дека не сака да шпекулира за други операции.
Информацијата доаѓа откако Трамп распореди повеќе од 1.900 резервисти на Националната гарда во Вашингтон, за кои се очекува наскоро да бидат вооружени, според неименуван функционер на Пентагон.
Трамп во петокот изјави дека Чикаго и Њујорк, големи градови предводени од демократите, се подготвени да добијат сличен третман.
„Ќе ги направиме нашите градови многу, многу безбедни“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Потенцијалното распоредување во Чикаго би следело сличен модел како контроверзната операција на администрацијата на Трамп во јуни во Лос Анџелес, каде што беа распоредени 4.000 припадници на Калифорниската Национална гарда и 700 активни маринци и покрај противењето на локалните власти, објави Си-Ен-Ен.