Најнови информации од Загреб по шокантниот напад со нож во Основното училиште Пречко: состојбата на учителката која беше нападната од 19-годишен напаѓач во петокот се подобрува. Таа е отстранета од механичка вентилација, будна е и во контакт со околината, потврди д-р Жарко Рашиќ, началник на Клиниката за хирургија при КБ Свети Дух. „Учителката е во процес на закрепнување, но ѝ е потребен мир и психолошка поддршка која ќе ѝ биде обезбедена“, изјави Рашиќ за RTL.
Што се однесува до напаѓачот, кој по нападот се самоповреди, денеска беше извршена втора хируршка интервенција поради секундарно крварење. „Беше извршена ревизија на раните во пределот на вратот и дополнителна хемостаза,“ потврди д-р Рашиќ. Тој моментално е на механичка вентилација, а кога ќе биде способен за разговор со полицијата ќе проценат психијатрите.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ утринава ги посети пациентите хоспитализирани по нападот. „Сите се стабилни и надвор од животна опасност. Учителката комуницира, но им претстои долг психолошки опоравок,“ изјави таа.
Во нападот беа повредени тројца ученици и учителката. Целиот случај го потресе регионот, а истрагата за мотивите и околностите продолжува.