По трагедијата во Капрпош „Хера“ алармира: Недоволна заштита и формално постапување водат кон смрт на жените

Невладината организација Хера укажува на сериозни пропусти во институциите за заштита од семејно насилство. Формалното постапување и недостатокот на навремена реакција доведоа до трагична смрт на мајка и ќерка во Карпош.

Вчерашната трагедија во Карпош, каде мајка и нејзината шестгодишна ќерка си го одзедоа животот по долгогодишно малтретирање од сопругот, ја потресе целата јавност и повторно го отвори прашањето – дали системот за заштита од семејно насилство функционира како што треба?

Одговорот на невладината организација „Хера“ е јасен: „Проблемот не е во законот, туку во неговата имплементација“.

По секоја трагедија каде жртви се жени, главните обвинувања се упатуваат кон институционална неефикасност. Претходни пријави, закани и индикации за ризик често постоеле, но системот не успеал навремено да реагира, што доведува до трагични ескалации.

„Во многу случаи постоеле претходни пријави, закани или индикации за ризик. Кога институциите
веќе имале сознанија за насилство, а не спречиле ескалација, се поставува прашањето дали постапувањето било навремено, координирано и соодветно на проценетиот ризик “ велат од Хера.

Според „Хера“, структурните слабости во системот за социјална заштита се очигледни. Тоа е недоволниот број на стручни лица, преоптовареноста со предмети, недостигот од специјализирани тимови за висок ризик и несензитивен кадар создаваат услови во кои реакцијата може да биде бавна и формална, а жртвите се оставени сами да се справуваат со опасни ситуации. Иако државата има обврски од Истанбулската конвенција, практичната примена сè уште не е систематизирана, а инвестиции за превенција и заштита недостигаат.

„Дополнително Извештајот на Државниот завод за ревизија за „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство” или таканаречена Истанбулската конвенција, укажува дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат доволно ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви. Пропусти и грешки се јавуваат при проценката на ризик, која често е формална и не го препознава навреме високото ниво на опасност. Дополнително, недостасува ефективна координација меѓу институциите и интегриран систем за евиденција, што доведува до фрагментирано постапување кое наместо да осигура безбедност, ги
изложува на дополнителни ризици и закани самите жртвите на насилство“ велат од Хера.

Центарите за социјална работа, според нив, често не се кадровски подготвени за итни и животнозагрозувачки случаи. Ограничениот број вработени го намалува теренското следење на ризик и итната интервенција, додека специјализираните мултидисциплинарни тимови со јасни протоколи и координација со полицијата и обвинителството не се доволно застапени.

„Во животнозагрозувачки ситуации потребни се специјализирани и мултидисциплинарни тимови, со јасни
протоколи и брза координација со полицијата и обвинителството, што не секогаш функционира оптимално и дозволува сторители да преставуваат опасност за жртвите“ појаснуваа тие.

Законот формално предвидува ангажирање стручен кадар со релевантно образование, но недостасуваат континуирана обука, супервизија и професионална поддршка за работа со родово базирано насилство. Последицата е формализирано постапување, кое не ја препознава динамиката и сериозноста на насилството.

„Недостатокот од континуирана обука, супервизија и професионална поддршка може да доведе до формализирано постапување, без длабинска процена на динамиката на насилството“ велат.

Н апрашањето што конкретно треба да се промени денеска за да не се случуваат вакви трагедии, од невладината велат дека мора да се формираат специјализирани тимови за висок ризик во центрите за
социјална работа, воспоставување интегриран систем за размена на податоци меѓу институциите, зголемување на буџетите за засолништа и кризна поддршка, како и јасна институционална одговорност при пропусти. Паралелно, неопходна е континуирана обука за сите професионалци кои работат со жртви.“

Граѓанскиот сектор низ годините постојано повикува на одговорност и казнивост на говор на омраза, мизогинија, насилство врз девојките и жените во јавниот дикурс, традиционалните и социјалните медиуми. Дополнително, сите актери кои ги гледаме дека под плаштот на „заштита на деца и заштита на семејството” се вклучени во ширење на наративи за омраза, етикетирање, дискриминација и повик на насилство врз одредени ранливи групи, придонесуваат за нормализација и потткинување на шовинизмот во нашето општество, објансуваат од Хера

Инаку според податоците, Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисоки стапки на фемициди во Европа – во 2023 година, шест жени на еден милион жители биле убиени од сегашни или поранешни партнери, што е драстично над европскиот просек од четири на милион.

Смртта на мајката и ќерката во Карпош не е изолирана трагедија. Тоа е аларм за системот: жртвите не смеат да останат сами во лавиринтот на формални процедури. Секоја институционална слабост, секое непреземено дејство чини живот. И токму затоа, јавноста бара транспарентност, одговорност и конкретни промени за да се спречат идни трагедии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни