По обилното снежно невреме што во изминатите денови зафати голем дел од регионот, особено териториите на Хрватска и Босна каде снежната покривка во некои области надмина 50 сантиметри, овие предели ноќва се соочуваат со нагло заладување и силни мразеви.
Продорот на многу студена воздушна маса од север предизвика значителен пад на температурите, па така речиси насекаде се бележат вредности под нулата. На пониските и затскриени локации, температурите се спуштаат до околу –10°C, што дополнително го отежнува состојбата на терен по снежните врнежи.
Според актуелните метеоролошки мерења, студениот бран го зафати целиот регион, а на синоптичките карти јасно се воочуваат екстремно ниските температури кои ја одбележуваат оваа ноќ.
Граѓаните се повикуваат на претпазливост поради можни појави на голомразица и замрзнат коловоз, како и внимателно движење низ областите со висока снежна покривка.
