По седум дена молк, денеска на социјалните мрежи се јави иранскиот врховен лидер Али Хамнеи
Иранскиот ајатолах прогласи победа над Израел и САД во своето прво обраќање откако двете земји го прифатија прекинот на огнот предложен од Доналд Трамп.
Тој во јавноста не беше присутен повеќе од една недела, а последната изјава ја даде од непозната локација на 18 јуни.
Ајатолахот напиша на Икс дека мора да му честита на својот Иран и тврдеше дека „Соединетите Американски Држави влегоа во војната затоа што веруваа дека ако не го сторат тоа, Израел ќе биде целосно уништен“.
„Чувствувам потреба да испратам неколку честитки до големата нација Иран. Прво, честитки за победата над лажниот ционистички режим. И покрај целата негова пропаганда и сите негови тврдења, ционистичкиот режим речиси се распадна и беше уништен под ударите на Исламската Република“, изјави Хамнеи во својата прва објава.
По ова следеше втора честитка во која тој „ѝ честита на саканата земја Иран за победата над американскиот режим“.
„Американскиот режим влезе во директна војна затоа што веруваше дека ако не го стори тоа, ционистичкиот режим ќе биде целосно уништен. Но, не доби ништо од таа војна. И тука, Исламската Република победи, а за возврат ѝ зададе силен шлаканик на Америка“, пишува ајатолахот.