Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА соопшти дека нејзините инженери успеале „да ги вратат во живот“ резервните двигатели на „Војаџер 1“ коишто не беа користени од 2004 година и долго време се сметаа за целосно нефункционални.
По 4 мај, антената инсталирана на Земјата што испраќа команди до „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“, требаше да биде исклучена поради повеќемесечни надградби. Последниот успех на агенцијата е значаен и неопходен бидејќи главните потисници на вселенското летало, што ја контролираат неговата ориентација, губат функција поради акумулацијата на разни отпадоци. Ако погоните целосно откажат, „Војаџер 1“ би можел да ја изгуби способноста да ја насочува својата антена кон Земјата, што ќе води кон губење на комуникацијата со нашата планета, по речиси 50 години непрекината работа.
Леталата беа лансирани во 1977 година, со првична мисија – истражување на надворешните планети на нашиот Сончев Систем, а откако ја постигнаа нивната првична цел, беа насочени на истражување на меѓуѕвездениот простор. „Војаџер 1“ го напушти Сончевиот Систем во август 2012 година, а „Војаџер 2“ – во ноември 2018 година.
Иако и двете летала се оперативни, нивната старост и огромното растојание од Земјата значат сѐ поголеми технички предизвици. Но, и покрај пречките, „Војаџер 1“ и „2“ продолжуваат да работат, што е доказ за нивниот робустен дизајн и подготвеноста на тимовите кои управуваат со нив.
Примарниот погон на „1“ откажа во 2004., откако два мали, но битни внатрешни грејачи ја загубија моќноста и престанаа да работат. По подробната проценка, инженерите заклучија дека овие грејачи не можат да се поправаат од далечина, поради што се префрлија на резервните потисници за да ја одржат усогласеноста на тн. „ѕвезден тракер“ – клучен инструмент којшто му помага на „Војаџер 1“ стабилно да се движи во Вселената.
„Мислам дека во тоа време тимот беше подготвен да прифати дека главните погони не работат, бидејќи имаа добра резерва. Веројатно не очекуваа „Војаџерите“ да бидат функционални уште 20 години“, изјави Карим Бадарудин, сегашен управител на мисијата „Војаџер“ во Лабораторијата за млазен погон на НАСА.
За да го реши проблемот, тимот на НАСА повторно ги активираше резервните погони на првото летало, а потоа се обиделе да ги стартуваат грејачите што ќе ги одржуваат во работата. Доколку тракерот застранил премногу од водилката за време на овој процес, погоните автоматски би се активирале како безбедносна мерка, но доколку грејачите не биле активирани дотогаш, користењето на погоните би предизвикало опасно зголемување на притисокот. Затоа, тимот мораше прецизно да го усогласи стариот тракер пред да се активираат погоните.
Со оглед на фактот дека „Војаџер 1“ е многу далеку од Земјата, тимот чекал 23 часа за радиосигналот да стигне назад. Доколку тестот не успеал, ова летало веќе би било во сериозна неволја. Сепак, на 20 март, тоа одлично реагирало на командите, па 20 минути по приемот на сигналот, тимот забележал пораст на температурата на грејачот. Тоа е јасен знак дека резервните потисници работат според планот.
„Тоа беше миг за славење! Овие погони се сметаа за „мртви“, што беше легитимен заклучок… Но, еден од нашите инженери веруваше дека е можна поправка, а потоа се случи чудо што го спаси „Војаџер““, рече Тод Барбер, управувач на мисијата.
Така, и покрај техничките пречки и староста на леталата, „Војаџер 1“ и „2“ продолжуваат да собираат и испраќаат вредни податоци однадвор од нашиот Сончев Систем. Мисијата и натаму нуди можност да ги прошириме човековите сознанија и науката за меѓуѕвездениот простор – знаење што ниту едно друго вселенско летало не можело да го обезбеди досега.