По протестот на камионџиите се огласи Европската комисија: Правилата за престој во Шенген остануваат непроменети

Европската комисија потврди дека правилата за престој во Шенген-зоната остануваат непроменети. Новиот систем EES не воведува нови ограничувања, туку построга примена на постојните правила.

Европската комисија соопшти дека правилата за престој во Шенген-зоната не се менуваат, и покрај протестите и блокадите на граничните премини од страна на професионалните возачи од Западен Балкан. Од Брисел порачуваат дека новиот систем за влез и излез (EES) не воведува нови ограничувања, туку овозможува поефикасна и построга примена на веќе постојните правила.

Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламберт, изјави дека Комисијата внимателно ја следи состојбата со блокадите на границите кон земјите на Европската Унија и дека е во постојан контакт со партнерите во регионот.

„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со партнерите од регионот. Системот за влез и излез не ги менува правилата за должината на престојот во Шенген, туку овозможува подобра и посистематска примена на правилата што веќе важат“, изјави Ламберт.

Тој потсети дека државјаните на земјите кои со Европската Унија имаат безвизен режим можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена, додека за подолг престој е потребна долгорочна виза или посебен национален аранжман.

„Овие правила важат подеднакво во целата Шенген-зона и се на сила веќе многу години“, нагласи портпаролот на Европската комисија.

Ламберт призна дека, иако Шенген предвидува одредена флексибилност за прекуграничните работници, постои реален проблем за одредени професионални групи од трети земји кои не спаѓаат во таа категорија, а поради природата на работата мораат често и подолг период да престојуваат во ЕУ.

„Станува збор за професии со висок степен на мобилност, како што се камионџиите, но и спортистите или уметниците кои се на турнеи“, рече Ламберт.

Според него, прашањето за третманот на овие професионалци е поврзано и со националните правила на земјите членки, како и со постојните билатерални договори, поради што станува збор за сложена тема на која Европската комисија ѝ посветува целосно внимание.

„Работата на ова прашање е во тек и е дел од поширока расправа во рамки на подготовките на новата визна стратегија на Европската Унија, чие претставување се очекува подоцна оваа недела“, изјави Ламберт за телевизијата Н1 во Сараево.

Европската комисија порача дека ќе остане во контакт со земјите од Западен Балкан и ќе продолжи внимателно да го следи развојот на ситуацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни