Драмски театар Скопје по четири успешни изведби во Будва, ќе настапи на „Охридско лето“

По премиерата и четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифатила претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или „Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.

Од Драмски театар Скопје соопштија дека македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август од 21:00 часот во Центар за култура „Григор Прличев“.

Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.

Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ. Сценографијата на претставата е на Лазе Трипков, костимографијата на Александар Ношпал, композицијата на Владимир Пејковиќ, сценското движење на Дамир Клемениќ и преводот на Соња Должан.

Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.

Од Драмски театар посочуваат дека претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.

По настапот на нашата најголема сценско музичка манифестација „Охридско лето“, претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, кон крајот на август го продолжива своето гостување во Хрватска на фестивалот „Лето на Бриони“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни