Од Драмски театар Скопје соопштија дека македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август од 21:00 часот во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.

Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ. Сценографијата на претставата е на Лазе Трипков, костимографијата на Александар Ношпал, композицијата на Владимир Пејковиќ, сценското движење на Дамир Клемениќ и преводот на Соња Должан.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Од Драмски театар посочуваат дека претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
По настапот на нашата најголема сценско музичка манифестација „Охридско лето“, претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, кон крајот на август го продолжива своето гостување во Хрватска на фестивалот „Лето на Бриони“.