По повод Св. Трифун, во Кавадарци се организира натпревар за најдобри вина

По повод празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите и винарите, Општина Кавадарци, традиционално и оваа година го организира натпревар за најдобри вина.

Од Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек”, информираа дека станува збор за деветата Интернационална дегустација и оценување на вина произведени од регистрирани производители, мали семејни винарии, домашни индивидуални производители и странски винарии и производители.

„Има неколку категории за оценување. Млади вина, берба 2024, бели, розе и црвени, со посебна категорија од автохтоната сорта „станушина”. Мирни вина, бели, розе и црвени, повторно со посебна категорија од автохтоната сорта на грозје и вино. Најдобри странски вина. За организирање на оценување од секоја категорија, треба да има минимум по девет мостри“, велат од Здружението. 

За оценување се доставуваат по две шишиња од секоја мостра, а бројот на мостри не е ограничен. Рокот за доставување на мострите е најдоцна до четврток. 

„Оценувањето ќе го врши петчлена стручна комисија под раководство на професор доктор Михаил Петков, а резултатите ќе се соопштат на „Свети Трифун” на 14 февруари,  на пригодна свеченост во Винскиот музеј во Градскиот парк. Ќе се оценуваат сите предадени мостри, а ќе се доделат пехари, медали, дипломи и награди на најдобро оценетите три вина од секоја категорија“, истакнаа од „Винотек”.

Манифестацијата е организирана од Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек”, во соработка со Вински музеј и под покровителство на градоначалникот на Кавадарци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни