По повод 20 години на Македонскиот КИЦ во Софија, отворена е изложбата „Колоритот на генијот“ на Мирослав Масин

По повод 20 години на Македонскиот КИЦ во Софија, отворена е изложбата „Колоритот на генијот“ на Мирослав Масин

Со пригодна свеченост и во присуство на бројни гости, љубители на уметноста и претставници на културниот и дипломатски живот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија беше отворена изложбата на еден од најзначајните македонски современи уметници – Мирослав Миро Масин. Настанот се одржа по повод 20-годишнината од постоењето на Центарот, кој веќе две децении успешно ја претставува македонската култура и уметност во Бугарија.

Изложбата со наслов „Колоритот на генијот“ не претставува само уметнички настан, туку и културен врв со кој симболично се одбележува дведецениското постоење на Македонскиот КИЦ во Софија. Тоа што Масин го избра токму овој простор и токму овој јубилеј како повод за своето прво претставување во Софија, според зборовите на директорот на Македонскиот културно-информативен центар, не е случајно, туку доказ за блискоста меѓу уметноста и човечноста, за искреноста што Масин ја внесува во своето творештво, и за симболичкото значење на културата како мост меѓу народите.

На отворањето на изложбата се обрати и нашата амбасадорка Бугарија,  Агнеза Руси-Поповска, која ја поздрави изложбата и изрази голема радост што ваков истакнат и препознатлив ликовен уметник, каков што е Мирослав Миро Масин, е дел од програмата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Таа истакна дека ваквите настани се од особено значење за афирмацијата на македонската култура надвор од границите на земјата и за продлабочување на културната соработка меѓу двете земји.

-Вечерва, не славиме само со зборови, туку со слики кои зборуваат на јазикот на душата. Слики кои не се само дела, туку врати кон универзуми што се отвораат пред нас, беше истакнато при отворањето на изложбата во петокот.

Мирослав Миро Масин е уметник со длабоко вкоренето чувство за боја, симбол и експресија. Неговите дела не се обични композиции, тие се живи ентитети кои вибрираат со емоции и значења. Боите кај Масин не се само визуелни елементи, туку носители на длабоки психолошки и духовни пораки. Кај него, црвеното не е само боја на страста, туку и на судирот, на внатрешната борба. Сината не е само меланхолија, туку и носталгија, спокој, длабочина. Колоритот кај Масин е, како што често се истакнува, инстинктивен, но длабоко промислен, создавајќи композиции кои ја преминуваат границата помеѓу реалното и симболичното.

Еден од доминантните мотиви во делата на Масин се птиците, кои не се прикажани како реалистични суштества, туку како симболи на слобода, надеж, но и кревкост. Во неговите слики, птицата е истовремено и лет и пад, и глас и тишина. Таа станува огледало на човечките внатрешни состојби, на копнежот да се надминат границите, но и на неминовноста на сопствените сенки.

Неговите дела се исполнети со симболика, со митолошки и внатрешни рефлексии, со духовни слоеви и екзистенцијални теми, со фигури кои се распарчени, а повторно целосни, со пејзажи што се отвораат како соништа. Секоја слика е влез во нов универзум, каде што бојата, линијата и формата стануваат говорници на нешто што не може да се изрази со зборови.

Масин дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, по што продолжува со студиски престои во Велика Британија, Франција и Чешка – искуства кои дополнително го обликуваат неговиот уметнички јазик. Неговата кариера опфаќа повеќе од 50 самостојни изложби низ Европа и светот, вклучувајќи престижни галерии и културни центри. Во 2024 година, неговото творештво беше крунисано со ретроспективна изложба во Националната галерија на Македонија, на која беа претставени над 140 дела, како и со доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за уметност, како и признанието „Златна Бубамара на популарноста“ за трајни културни вредности.

Тој е активен член, а беше и претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, и претставува ликовен уметник кој со години наназад го обликува и дефинира современиот македонски визуелен израз. Во критичките кругови тој е признат како уметник со автентичен глас и моќна визуелна индивидуалност – автор чија уметност ги надминува трендовите и пазарните диктати.

Мирослав Миро Масин не е само сликар, туку и раскажувач, филозоф на бојата, уметник што создава со срце и со душа. Неговите дела не бараат толку објаснување, колку присуство. Потребно е да се застане, да се гледа, да се слуша што сакаат да кажат боите, формите, птиците. Затоа изложбата „Колоритот на генијот“ не е само визуелно доживување, туку и духовна провокација, повик на внатрешна интроспекција.

-Во неговите слики се гледаме себеси. Тоа не се само композиции, туку внатрешни пејзажи – нашите стравови, нашите копнежи, нашите надежи, рече директорот на Центарот при отворањето на изложбата.

На крајот од настанот, на ликовниот уметник Мирослав Миро Масин му беше врачена благодарницата „Мостови на културата“ – во знак на признание за неговиот посебен придонес, поддршка и афирмација на македонската култура во странство. Истовремено, благодарница му беше врачена и на гостинот и поддржувач на КИЦ, универзитетскиот професор д-р Петко Јакимов, во духот на соработката, пријателството и заедничкото градење на културните мостови што ги поврзуваат луѓето и вредностите.

Изложбата останува отворена во наредните недели, како дел од програмата со која Македонскиот КИЦ во Софија го одбележува значајниот јубилеј. Центарот, кој веќе две децении е живо место на размена меѓу македонската и бугарската култура, повторно докажува дека уметноста е најсилниот мост помеѓу народите, јазик кој сите го разбираат, јазик што се чувствува, без потреба од превод, стои во соопшштението од КИЦ во Софија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни