По повод почетокот на културната манифестација „Град на културата“, денеска пред споменикот „Македониум“ во Крушево, ќе се одржи прес-конференција.
На прес-конференцијата за манифестацијата „Град на културата 2023“ која годинава ќе се одвива под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, и за програмските содржини ќе говорат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.
Оваа манифестација годинава не случајно ќе се одржува во Крушево, кога градот слави 120 години од Илинденското востание, при што со ова ќе му се даде посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители.
Програмскиот дел опфаќа многубројни настани, претстави, концерти, изложби и културни искуства кои ќе остават трајно влијание врз сите учесници од различни возрасти. Од уметнички инсталации и театарски продукции до музички фестивали и литературни собири, програмата за „Град на културата“ ќе биде прослава на креативноста во сите нејзини форми.
Особен акцент ќе биде ставен на големината на Мартиновски и на Тоше, потоа Васил Иљоски, крушевската куќа, крушевските гастрономски специјалитети, Крушевската Република.
Манифестацијата „Град на културата“ ќе започне на 26 мај со настан кој ќе ја најави годината на културна фузија на Крушево.