По повикот на Комитетот на ОН за заштита на жените, тронот да не го наследуваат само мажите, Јапонија го замрзна финансирањето

Јапонија денеска соопшти дека ќе го замрзне доброволното финансирање на Комитетот на Обединетите нации за заштита на правата на жените, откако комитетот повика на укинување на правилото според кое јапонскиот царски трон го наследуваат исклучиво мажи.

Необичниот потег е одговор на извештајот објавен во октомври од страна на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените во кој се повикува Јапонија да го промени својот закон за од 1947 година, со цел тронот на далечната источна земја – формално сè уште монархија – да може да го наследи и жена.

Законот, кој во голема мера ги заштитува конзервативните семејни вредности од пред Втората светска војна, пропишува дека само маж може да стане цар и им го одзема тој статус на членките на царското семејство доколку се омажат за обичен човек.

Јапонија пред два дена го информираше Комитетот дека ќе биде отстранет од списокот на приматели на доброволната помош на земјата, што се дава секоја година, изјави денеска портпаролот на јапонското Министерство за надворешни работи, Тошихиро Китамура.

Јапонската влада побара од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, која раководи со Комитетот, да не користи јапонски средства за финансирање на активностите на овој панел.

Според Китамура, Јапонија ја откажа посетата на членовите на Комитетот на земјата што беше планирана за крајот на март.

Еден од највисоките јапонски владини претставници, Јошимаса Хајаши, го нарече извештајот „за жалење“ и „несоодветен“ и додаде дека Јапонија побарала спорниот дел да се отстрани од документот.

Китамура изјави дека квалификациите за наследување на царскиот трон не спаѓаат во основните човекови права и дека со правилото за исклучиво машки наследник не се кршат основните права на жената ниту е дискриминација. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни