Делото, кое прикажува маж кој лежи на кревет додека неговата партнерка стои пред него, е поставено на травертинска плоча и датира од крајот на 1 век п.н.е. до 1 век н.е. Според соопштението на италијанската полиција, мозаикот е вратен од Германија по дипломатски ангажман.
Мозаикот бил однесен од околината на Помпеја, во близина на Неапол, од страна на германски нацистички капетан кој бил задолжен за воената логистика во Италија. Подоцна, тој го подарил на цивил, кој го чувал до крајот на својот живот. Наследниците на цивилот, откако дознале за потеклото на делото, стапиле во контакт со италијанските власти за да го организираат неговото враќање.
Габриел Цухтригел, директор на археолошкиот парк Помпеја, кој инаку е со германско потекло, го опиша мозаикот како „дел од културна пресвртница во која интимноста од секојдневието станува тема на римската уметност, за разлика од херојските митови од претходните епохи“.
„Овде гледаме нова тема – домашната љубовна рутина“, изјави тој, додавајќи дека изразот на лицето на машката фигура „делува речиси здодевно“.
Мозаикот сега ќе биде изложен во Помпеја, заедно со стотици други археолошки предмети и остатоци, на местото на древниот град уништен во ерупцијата на Везув во 79 година.