По плочите, во мода се враќаат и касетите

Откако плочите направија вистинско враќање изминатата деценија, податоците покажуваат дека во последните две години расте и побарувачката за касети.

Нил Бектон е сопственик на продавница за плочи во Вашингтон речиси две децении. Сепак, овие денови клиентите не купуваат само плочи, како што открива тој во последните неколку години се повеќе луѓе барале и касети.

„Касетите почнаа да се продаваат повеќе можеби во последните две години. Порано продавав по една месечно, а сега ги продавам речиси секој ден“, изјави Бектон за Гласот на Америка.

Овој тренд е присутен и на други места. Повеќе од 430.000 касети се продадени во Америка минатата година – пет пати повеќе отколку во 2014 година, според истражувањето на компанијата за аналитика и податоци за забавната индустрија Luminate.

Ова го отвора прашањето зошто аналогната музика е повторно популарна, кога стримингот на дигиталните платформи е толку лесен. Енис, жител на Вашингтон, вели дека има подобро искуство со слушање музика на плочи или касети.

„Тие некако ја убија музиката што ми се допаѓа, бидејќи стриминг сервисите прават сопствен избор и микс на песни. Она што најмногу ми се допаѓа кај плочите е тоа што можам да уживам во целиот материјал“.

Бектон вели дека касетите се особено популарни меѓу генерацијата Z, чии членови се родени во доцните 1990-ти и потоа. Овие клиенти бараат одредени касети на интернет и во продавниците.

„Во моментов, претежно помлади луѓе сакаат касети. Можеби некои постари кои сè уште ги имаат и имаат касетофон, но најчесто се работи за деца“, објаснува Бектон.

Касетофоните од 1990-тите сè уште можат да се најдат на платформи како што е eBay. И на YouTube, помладата генерација може да научи стари трикови за брзо враќање на лента со пенкало или како да ги користат за ди-џеј сет.

Музичарот Бартоломеј Џојс има неколку стотици касети и на нив ја снима својата музика.

„Луѓето се само љубопитни. Ако сте пораснале во последните 20 години, не сте сретнале касети. И тие се возбудливи бидејќи се толку класични“, вели Џојс.

Дуа Липа, Тејлор Свифт и Аријана Гранде се меѓу популарните пејачки кои одговорија на зголемената побарувачка објавувајќи албуми на касети. Британската пејачка Мери Спендер смета дека касетите се само логично продолжение на растечкиот тренд на популарноста на грамофонските плочи во изминатата деценија.

„Тоа беше нешто конкретно што можев да им го понудам на моите обожаватели, нешто што тие можат да го држат во свои раце, да ги чуваат и прикажуваат и да слушаат музика“, вели Спендер.

Според магазинот „Билборд“, минатата година на најпродаваната касета во Америка била таа со музиката од филмот „Чувари на галаксијата“, по што следел албумот на Тејлор Свифт.

Извор: Н1

Најново

Последни колумни