По нападот врз министерство, хакери ја урнаа француската пошта и банка

Францускиот национален поштенски оператор La Poste и неговата банка La Banque Postale денеска беа цел на силен кибернетички напад, што предизвика сериозни нарушувања во доставата на пратки и во онлајн-плаќањата, токму на врвот од божиќната сезона, пренесува Euronews.

Од компанијата потврдија дека станува збор за таканаречен DDoS-напад, кој привремено ги урнал нивните онлајн-услуги. Притоа беше нагласено дека корисничките податоци не се компромитирани.

Божиќен хаос во поштенските шалтери

Во поштенските канцеларии низ Париз, украсени за празниците, вработените биле принудени да ги враќаат граѓаните кои чекале во ред за да испратат или подигнат пратки, меѓу кои и божиќни подароци. Корисниците на La Banque Postale не можеле да пристапат до мобилната апликација за авторизација на плаќања и други трансакции, поради што банката привремено ги пренасочила одобрувањата преку СМС-пораки.

„Нашите тимови се мобилизирани за брзо решавање на ситуацијата“, соопшти банката на социјалните мрежи.

Засега ниту една група не презела одговорност за нападот. Интересно е што истите услуги – следењето на пратки Colissimo и дигиталниот трезор Digiposte – биле недостапни и во саботата, иако тогаш од La Poste не потврдиле дека станува збор за кибернетички напад.

Француската пошта и претходно била мета на хакери. Во февруари 2024 година, турската група Turk Hack Team презеде одговорност за DDoS-напад што на неколку часа ја урна веб-страницата на операторот.

Франција под серија кибернапади

Инцидентот се случува само неколку дена откако француската влада потврди дека била цел на кибернапад врз Министерство за внатрешни работи на Франција, клучна институција за националната безбедност.

Како што за Franceinfo изјави министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, осомничениот хакер украл неколку десетици чувствителни документи и добил пристап до информации поврзани со полициски досиеја и барани лица. Министерот инцидентот го припиша на „непромисленост“ и лоша „дигитална хигиена“ во рамките на министерството, наведувајќи примери како споделување лозинки во обичен текст преку е-пошта.

Хакерот што презел одговорност на интернет-форуми тврдел дека дошол до податоци за 16,4 милиони француски граѓани, но властите ја оспорија таа бројка и потврдија кражба на само неколку десетици датотеки. Француските медиуми објавија дека поради нападот бил приведен 22-годишник.

Сомнежи за странско мешање

Тензиите дополнително се зголемија откако обвинителите соопштија дека француската контраразузнавачка служба DGSI истражува сомнителна завера за кибернапад врз меѓународен патнички ферибот. На бродот GNV Fantastic, кој плови меѓу Франција, Италија и Северна Африка, бил откриен софтвер што овозможува далечинско управување со компјутерските системи на пловилото. Член на екипажот од Латвија бил приведен под сомнение дека работел за неидентификувана странска сила.

Иако нема официјална потврда, министерот Нуњез индиректно упати на можно странско мешање, изјавувајќи дека „ваквите интервенции многу често доаѓаат од иста земја“. Франција и други европски држави кои ја поддржуваат Украина претходно ја обвинија Русија за водење „хибридна војна“ што вклучува саботажи, кибернапади и дезинформации.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни