Авганистан и Пакистан денес се согласија на дводневно примирје по еден од најсериозните вооружени конфликти на нивните граници во последните години, во кој загинаа десетици луѓе.
Примирјето стапи на сила денес во 15:00 часот по средноевропско време, кратко откако двете земји објавија дека е постигнат договор, при што секоја земја тврдеше дека другата побарала да се стави крај на новото разгорување на насилството.
Талибанската влада ја повика авганистанската влада да го почитува прекинот на огнот, изјави портпаролот на Талибанците, Забихулах Муџахид, во објава на мрежата X.
Од друга страна, пакистанското Министерство за надворешни работи објави дека за време на прекинот на огнот, двете страни „искрено ќе се обидат да најдат позитивно решение за овој сложен, но решлив проблем, преку конструктивен дијалог“.
Пред прогласувањето за прекин на огнот, Кабул и Исламабад се обвинија меѓусебно дека денес започнале нови напади на границата.
А според пакистанските безбедносни извори, Пакистан, исто така, извршил „прецизни напади“ врз Кабул.
Две експлозии одекнаа денес во центарот на главниот град на Авганистан, објавија извори на Франс Прес.
Нов циклус на насилство меѓу двете земји, што ги затегна односите, беше предизвикан од експлозиите што се случија во Кабул и југоистокот на земјата во четврток. Владата на Талибанците ги припиша на Пакистан, а потоа започна воена операција на границата.
Владата на Талибанците не го обвини Пакистан за денешните експлозии, но потврди дека експлодирал тенк и електричен трансформатор, без дополнителни детали.
Пакистан денес објави дека во текот на ноќта, околу 50 припадници на авганистанските безбедносни сили и милитанти се убиени во нови судири на границата.
Пакистан го обвинува Авганистан за засолнување на вооружени групи, што тамошните власти го негираат. Пакистан се бори со напади на милитанти, кои се зголемија од 2021 година кога Талибанците ја презедоа власта во Авганистан.
„Суверенитетот на земјата ќе биде бранет по секоја цена“, изјави пакистанскиот премиер Шебаз Шариф во денешното соопштение.
Но, од авганистанска страна, официјалните лица изјавија дека повеќе од 10 цивили биле убиени, а повеќе од 100 повредени во областа Спин Болдак, при што „двајца или тројца борци“ биле убиени меѓу авганистанските сили.
Пограничните области на Пакистан се погодени од насилство од 1979 година, кога земјата стана фронтовска линија во војната поддржана од САД против Советскиот Сојуз.