По илјадници години мирување, еруптираше вулканот Хајли Губи во Етиопија

Вулканот Хајли Губи во североисточна Етиопија еруптираше за првпат по неколку илјади години, соопшти германската агенција DPA.

Ерпцијата започнала во неделата, предизвикувајќи масивен облак од пепел што се искачил на околу 8,5 километри височина, по што се придвижил кон исток, над Арапскиот Полуостров.

Според Секторот за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија (ECHO), пепелниот облак влегол и во воздушниот простор на Јемен и Оман, а сателитските снимки покажуваат високи концентрации на сулфур-диоксид, индикатор за силна вулканска активност.

Вулканот се наоѓа во изолираната регија Афар, дел од Африканскиот Рог, недалеку од границата со Еритреја. Според проценките на ECHO, ерупцијата може да влијае врз околу 9.000 жители кои живеат во радиус од 30 километри околу вулканот.

Француската вулканска опсерваторија во Тулуз објави дека самата ерупција во меѓувреме запрела, но дека облакот од пепел продолжува да се движи кон Пакистан.

Стручњаците оваа ерупција ја оценуваат како прва регистрирана активност на Хајли Губи по повеќе илјади години и внимателно го следат развојот. Засега нема официјални процени за тоа какви последици може да има за локалното население.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни