По една година чекање, конечно профункционира Инспекторатот за македонски јазик: Менче Андреева е новата директорка

Со доцнење од речиси една година, конечно започнува да функционира Инспекторатот за македонски јазик, клучна институција за спроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик. Владата ја назначи лиценцираната лекторка Менче Андреева од Велес за прва директорка на Инспекторатот.

Иако Законот беше изгласан уште во јануари минатата година, неговата практична примена беше во застој поради неподготвеност на институциите. Со поставувањето на Андреева, која досега работеше како лекторка во основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари, се очекува конечно да започне системска проверка и надзор на примената на македонскиот јазик во институциите и медиумите.

Инспекторатот ќе има задача не само да опоменува, туку и да изрекува казни за непочитување на Законот – вклучително и за документи кои не се лекторирани или институции кои не ангажираат лектори.
Оваа институција е важен чекор кон унапредување на јазичната култура во јавната комуникација, но и доказ дека стандардниот македонски јазик мора да се негува и штити на институционално ниво.

Текстот на Предлогот-Законот за употреба на македонскиот јазик го подготви претходниот состав на владиното тело- Совет за македонски јазик и министерството за култура , под раководство на претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни