По две децении започна чистењето на коритото на реката Серава и изградба на пешачка патека

Во Општина Бутел започна темелно уредување на реката Серава, со нова пешачка патека од 1.590 метри, ЛЕД-осветлување, клупи, зелени површини и детски игралишта

По две децении, започна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и изградба на нова пешачка патека во Општина Бутел. Почетокот на активностите беше означен во присуство на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните. Покрај патеката ќе биде поставено современо ЛЕД-осветлување, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило.

Во рамките на проектот е предвидена и изградба на нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.

Со реализацијата на овој зафат, Општина Бутел, во соработка со Град Скопје, продолжува со активностите насочени кон подобрување на јавниот простор и квалитетот на живот на граѓаните, наведуваат градските власти.

Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија за уредување на јавни простори во Скопје, со цел да се создадат современи, безбедни и функционални простори за рекреација, прошетки и културни активности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни