Постои возраст кога телото, а особено мозокот, веќе не го толерира алкохолот на ист начин како порано. Според британскиот невролог Ричард Рестак, токму тогаш треба да се размисли за целосно откажување од алкохол – не поради калориите или „пивскиот стомак“, туку поради здравјето на мозокот.
„Алкохолот е многу слаб, но континуиран неуротоксин. Тој не е добар за нервните клетки“, предупредува Рестак во изјава за медиумите. Според него, клучната граница е 65 години.
Токму во овој животен период започнува поизразено природно опаѓање на бројот на неврони и на врските меѓу нив. Како последица, постепено се намалува мозочната маса, а со тоа и когнитивните и физичките способности. Алкохолот, дури и во умерени количини, може дополнително да го забрза овој процес.
Рестак советува постепен пристап: намалување на внесот по 65-тата година, а целосно прекинување до 70-тата. Оваа препорака е поврзана и со бројни научни истражувања кои укажуваат на врска меѓу долгорочната консумација на алкохол и зголемен ризик од деменција и други невродегенеративни состојби.
Иако физичката активност, здравата исхрана и менталната стимулација можат делумно да го ублажат стареењето на мозокот, според неврологот најдобра стратегија е превенцијата. „Најпаметно е да се избегне штетата уште од почеток“, вели тој.
Можеби токму пензионерските години се период кога многумина конечно сакаат да се опуштат со чаша пиво или вино, но експертите предупредуваат дека токму тогаш телото е најранливо на штетните ефекти на алкохолот.
„Ако имате 65 години или повеќе, силно препорачувам алкохолот целосно и трајно да се исфрли од исхраната“, порачува Рестак, додавајќи дека конечната одлука, сепак, останува лична.
