25-годишната Ноелија Кастиљо почина денес во Сан Педро де Рибес, во близина на Барселона, откако ѝ беше извршена еутаназија по дури 601 ден чекање и долг правен процес.
Според здравствените власти, на Кастиљо ѝ била обезбедена медицинска помош за достоинствена смрт, во согласност со законот во Шпанија. Таа била параплегична и подолг период се соочувала со силни физички болки и сериозно психичко страдање.
Долга правна битка
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено поради обидите на нејзиниот татко да ја спречи еутаназијата. Со поддршка на организацијата Abogados Cristianos, тој водел повеќемесечна правна битка против одлуката.
И покрај тоа, надлежните институции на крајот ја одобриле постапката, сметајќи дека се исполнети сите законски и медицински услови.
Етичка и општествена дебата
Случајот на Ноелија Кастиљо повторно ја отвори дебатата за правото на еутаназија во Шпанија, прашање кое останува длабоко поделено во општеството, особено кога станува збор за конфликт меѓу семејните ставови и личната одлука на пациентот.
Еутаназијата во Шпанија е легална од 2021 година, но процедурите често се долги и комплексни, што овој случај го потврдува.