Малезиското Министерство за сообраќај потврди дека компанијата за подводна роботика Ocean Infinity повторно ќе излезе на терен од 30 декември, со план за 55-дневна мисија за пребарување на дното на Индискиот Океан.
Операцијата ќе таргетира зони за кои новите анализи сугерираат најголема веројатност да ги крие остатоците од авионот. Локациите не се прецизирани, но властите најавија дека потрагата ќе се изведува периодично, во зависност од условите на море.
Летот MH370 исчезна на 8 март 2014 година за време на редовна линија од Куала Лумпур до Пекинг, носејќи 239 патници и членови на екипажот. Авионот исчезна од радарите 40 минути по полетувањето и, според воениот радар, променил насока пред целосно да се изгуби. Во следните години, фрагменти за кои се смета дека потекнуваат од MH370 се појавуваа на плажи во Мозамбик, Танзанија и на островот Реинион, но главниот дел никогаш не беше пронајден.
Одлуката за продолжување на потрагата донесе и бран емоции кај семејствата на исчезнатите. Даника Викс, чиј сопруг Пол бил меѓу патниците, вели дека „чувствува благодарност и олеснување“. „Никогаш не престанавме да бараме одговори. Оваа вест носи чувство на утеха и надеж дека конечно ќе ја дознаеме вистината“, изјави таа.
Слична поддршка пристигна и од Австралија, каде Министерството за надворешни работи порача дека го поддржува „секоја практична иницијатива“ која би донела завршница за семејствата кои веќе 11 години чекаат на одговори.
Во овие 11 години, илјадници квадратни километри од Индискиот Океан беа пребарани во мултинационални операции кои чинеа стотици милиони долари. Официјалната потрага беше прекината во 2017 година, по што Малезија соопшти дека е подготвена да ја продолжи само доколку се појават нови убедливи докази. Новиот договор со Ocean Infinity функционира по принципот „без пронајдок, без исплата“, компанијата ќе биде платена само ако ја лоцира црната кутија.
Официјалните истраги досега не дадоа конечен одговор. Малезиската комисија во 2018 година заклучи дека авионот бил „рачно насочен“, но не успеа да утврди од кого и зошто. Теориите се движеа од механички дефект, преку грабнување, до саботажа, но ниту една не е потврдена.
Малезиското Министерство за сообраќај денес порача дека најновиот развој „ја потврдува заложбата на Владата да донесе завршница за сите семејства погодени од оваа трагедија“.
По речиси 4.000 дена неизвесност, новата потрага повторно ја отвора најважната надеж: дека мистеријата на MH370 конечно може да добие одговор.
Извор: N1info.rs
