Три нови отворени базени во срцето на Париз
Градските власти поставија три отворени базени директно во реката:
▪️ еден спроти островот, во близина на Ајфеловата кула
▪️ еден кај катедралата Нотр-Дам
▪️ и еден спроти Националната библиотека на Франција.
Секој базен е опремен со соблекувални, тушеви и места за сончање, а ќе биде под постојан надзор на спасувачи. Пристапот е бесплатен, но дозволен само за лица кои знаат да пливаат, и тоа додека не се пополни капацитетот. Базените ќе бидат отворени во текот на целото лето.
Водата под постојан надзор
Бидејќи станува збор за директен контакт со речна вода, квалитетот ќе се следи секојдневно. „Сите треба да можат да пливаат во Сена од ова лето“, изјави француската министерка за спорт, Мари Барсак, уште во мај, кога беше најавена оваа иницијатива.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, истакна дека новите базени се дел од напорите за подобрување на квалитетот на живот во градот, особено во услови на се почести летни горештини предизвикани од климатските промени.
Пливањето во Сена било забрането уште во 1923 година, но и покрај тоа, граѓаните продолжиле да се капат сè до 1960-тите.
Реката Сена беше и место на одржување на триатлон и пливање на отворени води за време на Олимписките игри во Париз 2024, откако Франција инвестираше повеќе од една милијарда евра за да го подобри квалитетот на водата.