Еврозоната изненади: Германија ја турна економијата во плус

Композитниот PMI индекс се искачи на 51,9 поени во февруари, над очекувањата на аналитичарите.

Приватниот сектор во еврозоната во февруари ги надмина очекувањата, откако производствениот сектор забележа најдобар резултат од 2022 година, поттикнат од неочекуван раст во Германија, покажуваат прелиминарните податоци на агенцијата S&P Global.

Вредноста на композитниот индекс на менаџери за набавки (PMI) според „флеш“ проценката за февруари порасна од 51,3 поени во јануари на 51,9 поени. Индексот останува над прагот од 50 поени, кој означува граница меѓу економски раст и контракција.

Резултатот ги надмина прогнозите на аналитичарите, кои очекуваа поскромен раст до 51,5 поени.

Најголем придонес за подобрувањето дала Германија, најголемата економија во еврозоната. Индустриското производство во земјата пораснало првпат по повеќе од три и пол години, додека владата во Берлин ја зголемува потрошувачката за одбрана и инфраструктура, пренесува Блумберг.

Податоците укажуваат дека закрепнувањето на германската индустрија има значајно влијание врз вкупната економска активност во еврозоната, во услови на постепено стабилизирање на производството.

Конечните PMI податоци за февруари ќе дадат појасна слика за динамиката на економската активност во еврозоната, додека инвеститорите ќе ги следат сигналите за понатамошното движење на индустрискиот сектор и економскиот раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни