Пловечки универзитет Берлин: Заедницата мора да биде побрза од неолиберализмот

Мислам дека тука има огромен потенцијал, и заеднички и просторен, Скопје е многу интересен град со многу празни куќи и запуштеност, што од една страна може да се гледа како урбана пропаст и да се остави така, но мислам дека иднината е сега и можеме сега да ја преземеме одговорноста и да ги развиеме овие простори. Да бидеме побрзи од неолиберализмот – неолиберализмот ќе ги развие овие празни парцели во некој момент, но ако ние како заедница бидеме побрзи, можеме да ги создадеме како заеднички места со одредени идеали, и мислам дека киното на Железничката зграда може да биде одлична почетна точка. Секогаш ми се допаѓала реченицата: „Ако можеме да го направиме тука, можеме секаде.“

Kaко дел од мајската програма на Градот како сцена: еколошки иднини на организацијата Факултет за работи што не се учат и АКТО, во Скопје гостуваа Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси, дел од познатиот експериментален архитектонско-уметнички колектив ,,Пловечки универзитет” кои одржаа јавно предавање на Архнтектонскиот факултет во Скопје и повеќедневна работилница во киното на Железничката зграда, со фокус на повторната употреба и реинтервенции во јавнниот простор како алатка за градење еколошки иднини. Низ овој дел од програмата, тие соработуваа со учесници на отворен повик и заедно работеа на контекстот на просторот на киното, кој заврши со јавна презентација и урбано готвење од Никола Узуновски. Ова не е прва посета на колективот во Скопје, а нивната посета ја искористивме да поразговараме за нивната работа но и контекстот на работата на која беа посветени во Скопје и нивните впечатоци.

Трн: Што претставува ,,Пловечки универзитет” и како започна како општествена иницијатива? Зошто е за вас важна, и на кои начини?

Кристин: ,,Пловечки универзитет” е проект сместен во басен за задржување дождовница во Берлин, кој се развиваше од 2018 година до денес како место за учење во природа и офшор кампус. Тој нуди јавна програма, уметничка и културна програма базирана на темата природа-култура, обидувајќи се да го надминее јазот меѓу природата и културата и да се вклучи со постојниот екосистем од трски, жаби, патки и други животни и растенија на локацијата. Тоа е лабораторија во реалниот свет каде што граѓаните и луѓето кои сакаат да се вклучат во просторот можат да експериментираат со нови начини на градење со природни материјали, нови начини на создавање архитектонски соживот и за луѓето и за оние што не се луѓе/другите, но и место каде што луѓето можат да учат едни од други, да разменуваат знаења и различни методи на рефлексија.

Tрн: Дали го гледате постоењето на оваа иницијатива како отпор? На кој начин?

Дејвид: Да, мислам дека со самото свое постоење се спротивставува на традиционалното учење и планирање, и да, се согласувам дека само со своето постоење е отпор, иако самиот ,,Пловечки универзитет”  не е баш политички, не се вклучуваме во политички партии, имавме едно собрание каде што одлучивме дека здружението ќе се концентрира како асоцијација на оваа локација. Може некој да рече дека не е баш политички бидејќи не се шири надвор од басенот. Но, мислам дека само постоењето на басенот и на кампусот е отпор на традиционалните структури, бидејќи се отвора локација која по дизајн беше затворена, бидејќи беше техничка инфраструктура.  Значи, затворена е. Има ограда. Никогаш не би го виделе. Само работниците од одржувањето би биле единствените што ќе го допрат овој резервоар. А преку овој проект, го отворивме просторот за јавноста со работно време. Секој може да дојде, од деца до стари лица, кој било. Дури сме и ниско бариерен простор, така што може да се дојде и со инвалидска количка. Значи, се отвора овој простор за јавноста. И преку тоа, јавноста може да ја набљудува трансформацијата на јавната инфраструктура во градовите, да биде дел од тоа, да го набљудува и да го критикува или само со покажување што се случува – дека има валкана вода што доаѓа и излегува. Тоа веќе е отпор на тековните инфраструктури и кажува, мислам дека самото отворање е критика на тоа како се грижиме за нашата природа и како со техничките инфраструктури сепак ја загадуваме нашата околина.

Трн: Кои се принципите за кои се застапувате како колектив, во контекст на модерниот живот, урбанизацијата и недостатокот на ресурси со кои се соочуваме како заедници?

Кристин: Еден главен принцип е создавање пристап до јавни инфраструктури кои не се наменети да бидат достапни, како водните инфраструктури, и нивно правење видливи и дел од градот, не само географски, туку и социјално. Друг принцип, кој се надоврзува на ова е мултифункционален простор – како што Берлин расте и има многу конкуренција меѓу различни потреби – ни требаат домови, спортски објекти, ни требаат и зелени површини, простори каде што можеме да се опуштиме и уживаме во природата и така натаму, а ,,Пловечки универзитет”, има за цел да ги комбинира различните функции и употреби на повеќе нивоа во еден простор. И уште еден принцип е начинот на учење, што е и критика на класичните образовни институции и класичниот начин на предавање – од горе надолу, наставникот ја носи мудроста, студентите слушаат и треба да ја прифатат таа мудрост. Како критика на тоа, го носиме учењето во градот и во реален контекст. Исто така, ги преиспитуваме хиерархиите помеѓу наставникот и студентите. Се обидуваме да создадеме барем простор што овозможува учење едни со други.

Дејвид: Бидејќи мислам дека е многу интересно што ,,Пловечки универзитет” , ако работи во лето и ако сезоната е во тек и структурата делумно е финансирана, не само што има за цел да го направи тоа, туку и го покажува. Тоа е лабораторија во живо, можеш да дојдеш таму и ќе видиш деца што си играат, луѓе што танцуваат, се држат предавања, луѓе што истражуваат, играат, читаат, пушат, што било – сè во исто време, како во јавен простор, но на јавна инфраструктура. И во исто време, во согласност со природата – секогаш ќе има некој што ќе каже: „Не фрлај го отпушокот во водата!“ или „Можеме ли да ја исклучиме музиката, жабите сега имаат потреба од мир?“ Значи, тоа е жива слика за тоа како би изгледала иднината во која повеќе се грижиме за просторот во градот и живееме повеќе во согласност со природата. Не е секогаш дека зборуваме тука, и грешиме, но мислам дека главната работа е да се покаже оваа фузија помеѓу природата и културата и да се покаже тоа преку програмата, и затоа сакаме да има програма истовремено. Работи што се случуваат во центарот.

Трн: Ова не е вашата прва средба со Македонија. Кој ви е омилен дел од работата со студентите и локалната заедница тука, каде што заедно сте посветиле време на процес што го поврзува поединецот, околината и просторот околу него?

Дејвид: Ова е интересно прашање и мислам дека има повеќеслоен одговор. На крајот, доаѓаме од колективнa пракса,  па можеби само да додадам уште нешто на претходното прашање – уште еден столб на ,,Пловечки универзитет” е што го правиме колективно, сите учиме едни од други, како што рече Кристин, но истовремено носиме колективни одлуки, заеднички го дизајнираме просторот, заеднички го поправаме, го обновуваме, го програмираме сè ова, и ми беше мило и секогаш ми е мило да ја пренесам оваа идеја и на други заедници и простори. И така стигнавме овде, нè покани  ФРУ/ AKTO и само се појавивме во Скопје, барем јас, без да знам ништо за локалниот контекст. Дојдов како празен лист, понекогаш имавме чувство дека нè поканија како експерти, а во исто време се чувствував како да немам поим, така што многу учев, и ми е мило што нè поканија да учиме, да предаваме за она што го знаеме, а истовремено да стекнеме знаења што вие ги имате. Мислам дека тоа навистина се покажа сега на работилницата, што ја презедовме целата идеја на ,,Пловечки универзитет” – колективна работа, правење работи, спонтано дејствување, не само архитектонско планирање со години па да чекаш резултатот да се изгради, туку веднаш да скокнеш и да го направиш. И, ако не можеш веднаш да ја обновиш кино салата затоа што нема средства, само ,,преправај се” дека се случува, поправи повеќе работи што се достапни,  и внимавај, бидејќи не е сè реновирано, но во мала мера веќе можеш да го користиш киното без да е обновено. Mи е мило да ја донесам оваа идеја и да ја развиваме заедно, а особено сега, вториот пат кога бевме тука, бев многу импресиониран од ангажманот на сите – таква посветеност, сите помагаа, немаше многу его, сите ги споделија идеите и работевме со ресурсите што ги имавме и го извлековме најдоброто од нив. Мислам дека тука има огромен потенцијал, и заеднички и просторен, Скопје е многу интересен град со многу празни куќи и запуштеност, што од една страна може да се гледа како урбана пропаст и да се остави така, но мислам дека иднината е сега и можеме сега да ја преземеме одговорноста и да ги развиеме овие простори. Да бидеме побрзи од неолиберализмот – неолиберализмот ќе ги развие овие празни парцели во некој момент, но ако ние како заедница бидеме побрзи, можеме да ги создадеме како заеднички места со одредени идеали, и мислам дека киното на Железничката зграда може да биде одлична почетна точка. Секогаш ми се допаѓала реченицата: „Ако можеме да го направиме тука, можеме секаде.“

Трн: Каков потенцијал гледате во зградата на киното на Железничката зграда сега и оваа работилница со студентите и целиот комплексен процес што го видовме?

Кристин: Не само што го видовме потенцијалот, туку веќе ја изведуваме иднината, користејќи ја инфраструктурата што ја направи AKTO/ФРУ пред работилницата, користејќи го киното како простор за развој на нови идеи, како лабораторија за иден урбан развој и повторно како кино, што е интересно. Има потенцијал да стане нешто повеќе, да се користи како заеднички простор, да ги зближува соседите и луѓето што имаат заеднички интереси, да создаваат заедничка основа и иднина.

Tрн: Помеѓу уметноста, архитектурата и образованието, кои се вашите директни предлози за ангажирање на просторот во кој е сместено киното како објект на кој работевте и неговата иднина?

Дејвид: Сакам да појаснам нешто за нашата улога во процесот. Дојдовме овде и направивме нешто во Берлин, тоа беше убаво, но вие сте експертите овде и ние само можеме да се приклучиме. Немаме одговори на сите предизвици и прашања, можеме само да се приклучиме во нивниот развој, но секогаш се обидувам да избегнам да предавам вистини или одговори, па тешко ми е да одговорам вака – направете го ова, ова и ова и ќе биде успех, бидејќи не мислам дека е така. Не мислам дека е линеарен процес. Мислам дека имавме магични денови на работилницата и не ни можевме да застанеме додека некој не кажеше дека нема светло веќе и мораме да завршиме. И завршувавме. Па дојдовме пак следниот ден со обновени сили и енергија, вечерта го средувавме просторот како подготовка за вистинска кино проекција. Не знаевме што точно се случува, само ги гледавме филмовите и чувствувам како ова да беше првиот чекор на долгиот пат. Чекор по чекор да расте, да се учи од нештата. Можеме да ви пренесеме за грешките кои ние сме ги направиле, но важно е да се направат сопствени грешки, да се учи од процесот и мислам дека веќе се гледа тој пат. Веќе се случува. Да поентирам со неколку заклучоци :Довербата во себе и довербата во другите луѓе и нивните способности, верувањето дека некои нешта се случуваат поинаку одошто сте мислеле и верба во процесот. Moже да се започне и расте бавно, но истовремено е важно да се размислува во поголеми размери.

Трн: Дали верувате дека можеме да ги создадеме нашите еколошки иднини реално, преку вклучување на заедницата? Која е новата заедничка иднина која ја замислувате во местата каде развивате идеи?

Кристин: Мислам дека Дејвид веќе ја начна оваа тема, за соработката и меѓусебната доверба, дека ако работиме заедно како група работите може да се случуваат. Верувам дека има луѓе кои се доживуваат себеси како дел од екосистем и општество, и се додека не го изгубиме ова чувство на припаѓање на поголемата слика, тогаш имам надеж дека можеме да изградиме нешто заедно,

Дејвид: Мислам дека еколошки иднини како термин е академски, има многу бариери и не секој разбира што мислиме, можеби имаме различно разбирање на него, и чувствувам дека некои трети простори како киното на Железничката зграда и ,,Пловечки универзитет” можат да имаат клучна улога. Бидејќи сите сме преплавени со предизвици и толку големи нешта врзани со светската популација, и ние немаме влијание на тоа. И толку е тешко, пробуваме да сме на улиците, да демонстрираме и слично, сите тие мали нешта… Но некогаш сме само преплавени од незнаењето како да ја перцепираме промената и во оваа смисла терминот ,,трети места” како линото, лабораторијата, ,,Пловечки универзитет”,  неограничен број проекти каде луѓето се здружуваат и работат на нешто, чувствуваат дека можат да постигнат нешто и да трансформираат места во нешто кое не би го замислиле претходно. И низ ова може да научиме дека можеме да градиме заедно. Ако сите градиме простори како тие, светот би бил подобро место.

Разговорот го води: Ивана Јовановска

Фотографии: Дејвид Нил Морси и Трн

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни