Но зад оваа навидум носталгична навика се крие нешто многу подлабоко: науката вели дека плетењето може буквално да го пренасочи вашиот мозок, да го зајакне менталното здравје и да го забави стареењето на мозочните клетки.
Според последните истражувања, овие рачни, повторливи активности не се само форма на креативна релаксација – тие ја активираат меморијата, моториката, вниманието и емоционалната регулација. Плетенката станува „фитнес за мозокот“, ангажирајќи го целиот мозочен капацитет на начин што не го прават ниту апликациите, ниту видео игрите.
Ритамот што го лекува мозокот
„Кога плетете, вие не само што создавате нешто со рацете, туку го активирате системот за награда во мозокот,“ вели д-р Алваро Пасквал-Леоне, професор по неврологија на Харвард. За разлика од брзиот допамин што го добиваме од бескрајно скролање или шеќер, плетењето создава „тивка“ но стабилна допаминска активност, која ја подобрува концентрацијата и го намалува стресот.

И уште поважно – оваа активност користи двете раце, активирајќи билатерална стимулација, слична на терапијата со ЕМДР, која се применува при трауми. Тоа го прави плетењето не само смирувачко, туку и терапевтско, вели терапевтката Емили Шарп.
Новата лекција = нови неврони
Но ако мислите дека само затоа што знаете да плетете ќе добиете сите бенефити – грешите. Најголемите невролошки придобивки се случуваат додека учите нешто ново. Како што вели д-р Пасквал-Леоне: „Ако никогаш не сте плетеле, тоа е совршен момент да почнете. Ако сте експерт, тогаш предизвикот треба да биде некое ново хоби.“
И токму тој предизвик – совладување нова техника, нова шема, нова вештина – го тера мозокот да создава нови врски меѓу невроните. Тоа ја поттикнува мозочната пластичност – клучна за зачувување на когнитивните функции со текот на времето.

Хоби како заштита од стареење
Геријатри и невролози се согласуваат: што порано започнете со вакви активности, толку подобро. „Когнитивниот пад започнува децении пред да го забележиме,“ вели д-р Лекелин Ајхенбергер. „Плетенката, везењето, гравирањето или керамиката – сите тие му нудат на мозокот ментален тренинг што може да го одложи или ублажи тој пад.“
Уште подобро, овие активности не носат само ментални, туку и емоционални придобивки. Плетачките кругови и креативните работилници создаваат заедница, ги намалуваат чувствата на осаменост и нудат емоционална стабилност – особено важна во фази како пензионирање, болест или загуба.
Повторување што лечи, предизвик што подмладува
Плетенката не е само уметност. Таа е форма на ментална гимнастика, начин да го успориме стареењето, да ја подобриме концентрацијата, да го намалиме стресот и да го чуваме мозокот флексибилен. Од најмладите кои бараат бегство од дигиталниот хаос, до најстарите кои сакаат да останат ментално активни – секој може да добие нешто вредно.

Затоа следниот пат кога ќе видите некого со игли и клопчиња волна, не мислете на „бабино време“. Помислете на биохемија, невропластичност и една тивка, моќна борба против заборавот.
Извор: National Geographic