Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) остро реагира на најновото „упатство“ издадено од Министерството за култура и туризам, обвинувајќи го министерот Зоран Љутков дека повторно се обидува да ги заобиколи колективните договори и правосилните судски пресуди поврзани со зголемувањето на платите во културата.
Според СКРМ, со документот што бил доставен до институциите за време на новогодишните и божиќните празници, Министерството повторно ја воведува формулата позната како „разлика меѓу август и септември 2023“, иако таа веќе била експлицитно поништена од судовите како спротивна на Општиот колективен договор. Судските пресуди, донесени по тужби на вработени во културата, утврдиле дека платите мора да се зголемат за 10 проценти од основната бруто-плата, согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор и Колективниот договор за културата.
Ова не е прв судир меѓу Министерството и синдикатот. Во текот на 2024 и 2025 година, СКРМ водеше повеќе судски постапки против институциите во културата поради начинот на пресметка на платите, при што судовите во повеќе наврати пресудија во корист на вработените. До сега, според синдикатот, донесени се вкупно 15 правосилни пресуди кои ја потврдуваат обврската за законско зголемување на платите.
Синдикатот оценува дека најновото „упатство“ претставува директно непочитување на судската власт и создавање правна несигурност. Во реакцијата се наведува дека документот нема јасни податоци за тоа кој го изготвил и одобрил, ниту е донесен по претходно свикување на Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, што, според владината информација од 9 декември 2025 година, било предуслов за вакви интервенции.
Дополнително, СКРМ прашува дали премиерот е запознаен со ваквото постапување на министерот и дали тоа е во согласност со насоките на Владата. Според синдикатот, кога извршната власт се поставува над судската, станува збор за нарушување на принципот на владеење на правото, а не за административно управување.
Од СКРМ најавуваат дека повторно ќе ги искористат сите расположливи правни механизми, вклучително и управни спорови и иницијативи за утврдување евентуална кривична одговорност, со цел да се заштитат правата на вработените во културата и да се спречи, како што наведуваат, „министерска математика“ при пресметката на платите.
