Платформата за родова еднаквост најостро ги осудува говорот на омраза и заканите кон новинарката и активистка Рита Бехадини и апелира нејзината безбедност да биде загарантирана.
Платформата за родова еднаквост изразува поддршка кон новинарката и активистка Рита Бехадини која доби експлицитни закани за својата физичка безбедност на социјалната мрежа „Фејсбук“ по објавување на својот став во врска со јавно изнесени сексистички ставови за место на жената во општеството од страна на Оџата.
Солидарно со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бараме итна реакција затоа што заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите. Оттука, МВР и ОЈО имаат обврска веднаш да ги истражат и процесираат овие експлицитни закани и да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат вакви кривични дела во иднина. Рита Бехадини го пријави случајот во Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, а ние како членки на Платформата за родова еднаквост будно ќе ги следиме активностите кои МВР ќе ги преземе.
Според истражувањето на ПИНА над 81% од 103 анкетирани новинарки во земјава досега се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа, најчесто преку социјалната мрежа Фејсбук, каде што и Рита ги добива заканите. Содржината на вознемирувањето најчесто претставува говор на омраза, сексизам, шовинизам и закани за живот. Но, проблемот не се само заканите!
Критиката во објавата на Рита се однесува на тоа како патријархалните вредности преку религијата придонесуваат кон нормализирање на родово базираното насилство. Во време кога родово базираното насилство во реалноста останува несанкционирано, дигиталното насилство сè повеќе се зголемува. Така, овие закани се упатуваат со единствена цел да ги уплашат и обесхрабрат оние кои се залагаат за подобар свет.
Жените и девојките кои се гласни во дигиталниот простор за човековите права често се мета на закани. Онлајн закана претставува „исказ за намера да се нанесе болка, повреда, штета или друго непријателско дејствие“ на лицето на кое му е упатен исказот. Покрај заканите со насилство во онлајн опкружувањето, заканите сѐ почесто се поврзани со насилството во офлајн светот – тука спаѓаат заканите со смрт, како и заканите со физичко и сексуално насилство. Заканите за физичко насилство некогаш не се однесуваат само на новинарката, туку го опфаќаат и нејзиното најблиско опкружување, како семејството, пријателите и колешките и колегите во медиумите.
Во последниве месеци сме сведоци на многу јавни искази на религиски лидери кои се полни со говор на омраза насочен кон жените и девојките, активист(к)ите за човекови права, со кои поттикнуваат на родово базирано насилство вршено од нивните следбеници. Овој напад врз Рита е само еден од многуте закани и напади кои нејзе лично ја таргетираат особено поради тоа што е жена која се залага во јавноста за родови прашања. Како Платформа за Родова еднаквост ги повикуваме надлежните институции да го испроцесираат случајот соодветно, да понудат заштита и да превенираат идни закани кон Рита и кон сите останати новинарки и активистки кои се изложени на напади.