Платформата на граѓански организации за борба против корупција ја информира јавноста дека денеска до Собранието на Република Северна Македонија и матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците достави допис во врска по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Заеднички и недвосмислен став на Платформата на граѓански организации за борба против корупција е дека предложеното преодно решение не ги отстранува суштинските штети предизвикани со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, туку дополнително ја ослабува казнено-правната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба. Затоа, јасно и експлицитно бараме да се вратат идентичните одредби од Кривичниот законик кои беа на сила пред измените од 2023 година, како единствено разумно, правно сигурно и одговорно преодно решение, сѐ до донесување на целосно нов Кривичен законик.
На јавната расправа беше укажано дека предложените измени, особено кај член 353, ја сведуваат кривичната одговорност на исклучително тесен и практично неприменлив опсег. Со тоа, во суштина се декриминализираат најчестите и најштетни форми на корупција во јавните набавки – фаворизирање, селективно постапување, прилагодување на тендерските услови, склучување договори без реална потреба и толерирање на незаконитости. Ваквиот пристап создава правна несигурност и реален ризик од прекин на тековни истражни и судски постапки, бидејќи обвинителството и судовите ќе останат без правна основа за постапување во најголем дел од случаите.
Посочивме и дека предложеното решение ја ограничува „користа“ исклучиво на имотна корист, што е спротивно на европските антикорупциски стандарди и ја исклучува одговорноста за бројни неконвенционални, но широко распространети форми на корупција, како фаворизирање, непотизам и стекнување нематеријални привилегии. Намалувањето на максималните казни, пак, директно влијае врз роковите на застареност, кои се преполовуваат, иако меѓународните тела континуирано укажуваат дека кај високата корупција е неопходен подолг период за откривање, истрага и гонење. Исто така, беше нагласено дека воведувањето ново, недоволно анализирано преодно решение ќе доведе до сериозно нарушување на правната сигурност, бидејќи во краток временски период државата ќе има повеќе различни дефиниции за истите кривични дела“ велат од Платформата.
Оттаму, додаваат дека со измените на членот 353В се ограничуваат кривичната одговорност исклучиво на имотна корист и ја бришат т.н. „заштитна мрежа“ за други очигледно несовесни начини на вршење на службата, што создава ризик од фактичка амнестија за службени лица во органите на државната управа и сериозно го стеснува опсегот на гонење за неконвенционални, но чести форми на корупција.
„Се укажа и дека предложените измени во делот на проширената конфискација сериозно го нарушуваат основниот принцип дека таа може да се примени само по правосилна осуда за тешки облици на корупција или организиран криминал. Со бришење на јасната граница меѓу проширена конфискација и конфискација без кривична осуда, се создава ризик од каскадна конфискација и произволно префрлање на товарот на докажување, што претставува сериозна закана за правната сигурност и отвора простор за злоупотреби.
Укажуваме повторно дека донесувањето на вакви значајни измени во Кривичниот законик мора да се спроведат во суштински и инклузивни консултации со засегнати страни вклучително со судиите и јавните обвинители, како практичари кои се најдиректно засегнати од измените и чие искуство е клучно за оценка на нивното реално влијание и примена во судската пракса.
Поради сето наведено, апелираме до пратениците во Собранието да ги земат предвид аргументите изнесени на јавната расправа и без одлагање да ги вратат одредбите од Кривичниот законик какви што беа пред измените од септември 2023 година, како неопходен чекор за заштита на јавниот интерес, владеењето на правото и кредибилитетот на државата пред граѓаните и меѓународната заедница до донесување на целосно нов Кривичен законик“ се наведува во соопштението
