„Со ваквата измена се укинува единствената правна одредба која директно упатува на почитување на принципот на еднаквост и инклузивност во рамки на полициската структура“, соопштува Платформата. Тие додаваат дека ваквиот потег е во спротивност не само со постоечкото национално законодавство, туку и со меѓународните обврски на државата, вклучително и Истанбулската конвенција.
Од Платформата оценуваат дека предложената измена испраќа „опасна порака дека родовата еднаквост и инклузивноста се ирелевантни“ во процесот на изградба на безбедносните институции.
„Бараме итно повлекување на измената со која се укинува членот 96 и јасна заложба од институциите дека правото на еднаквост и родова застапеност останува неповредливо загарантирано и задолжително во секој дел од системот, особено во полицијата“, се наведува во реакцијата.
Измените предвидени со новиот предлог-закон сè уште не се ставени на дневен ред на пленарна седница, но предизвикаа широка реакција од граѓанскиот сектор и активистите за човекови права.