Колку се безбедни пластичните даски за сечење за секојдневна употреба?

Истражување покажува дека при сечење храна може да се ослободува значајна количина микро­пластика

Во време кога сè повеќе се зборува за присуството на микро­пластика во храната, водата и воздухот, расте и загриженоста околу безбедноста на кујнските материјали што секојдневно ги користиме. Еден од најчесто користените предмети во домаќинствата, пластичната даска за сечење, сè почесто се наоѓа под лупа на научниците.

Според истражување објавено во научното списание Ecotoxicology and Public Health, при употреба на пластични даски за сечење може да дојде до значително ослободување на микро­пластични честички кои завршуваат во храната. Студијата анализирала две најчести разновидности на даски – изработени од полипропилен и од полиетилен.

Резултатите покажале дека при сечење моркови, од даската во храната можат да се пренесат дури 1.114 микро­пластични честички, дефинирани како фрагменти пластика помали од пет милиметри. Пресметано на количина, тоа значи дека една пластична даска може да ослободи околу 15 милиграми микро­пластика по една употреба, што на годишно ниво може да достигне приближно 50 грама – маса еквивалентна на десет пластични кредитни картички.

Иако овие податоци звучат загрижувачки, научниците предупредуваат дека истражувањата за директното влијание на микро­пластиката врз човековото здравје сè уште се во рана фаза. Досегашните студии потврдуваат дека микро­пластични честички се пронајдени во човечката крв, белите дробови, па дури и во плацентата, што укажува дека тие можат да навлезат длабоко во организмот.

Истражување спроведено во Јужна Кореја во 2022 година, базирано на животински модели, покажало дека микро­пластиката може да влијае врз дигестивниот, респираторниот, ендокриниот и репродуктивниот систем. Сепак, експертите апелираат на внимателно толкување на ваквите резултати кога станува збор за луѓето.

Алекс ЛеБо, доктор на науки и сертифициран индустриски хигиеничар, нагласува дека студијата за пластичните даски јасно покажува ослободување на микро­пластични честички, но не докажува директна штетност по здравјето на човекот. Според него, потребни се дополнителни долгорочни истражувања за да се утврди дали и во која мера оваа изложеност има реални здравствени последици.

Додека науката сè уште ги бара конечните одговори, прашањето за материјалите што ги користиме во кујната останува отворено – како потсетник дека секојдневните навики, иако наизглед безопасни, можат да имаат пошироки последици кои допрва се истражуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни