Плановите на ЕУ за „контрола на четовите“: Заштита на децата или нарушување на приватноста?

Плановите на ЕУ за „контрола на четовите“ ја предизвика дилемата, дали тое е поради заштита на децата или нарушување на приватноста

Сите земји членки на Европската унија се согласуваат дека децата треба да бидат заштитени од сексуална злоупотреба, но длабоко се поделени околу планот на Европската комисија за борба против злоупотреба на интернет.

Предложената Регулатива за спречување и борба против сексуална злоупотреба на деца (CSAR) – често нарекувана и „регулатива за сексуална злоупотреба на деца“ или „контрола на четовите“ – изгледа дека е заглавена во законодавниот процес поради стравувања дека ќе ја наруши дигиталната приватност.

Регулативата има за цел да воспостави усогласена правна рамка во целата ЕУ за откривање, пријавување и отстранување на материјали со детска сексуална злоупотреба (CSAM) на интернет, заменувајќи ги привремените мерки што моментално дозволуваат доброволно откривање од страна на интернет-провајдерите.

Според извештај на британската организација Internet Watch Foundation, 62 отсто од материјалите со детска сексуална злоупотреба идентификувани минатата година на глобално ниво биле хостирани на сервери во Европската унија.

Поддржувачите на CSAR истакнуваат дека детската порнографија е сериозно злосторство. Тие велат дека органите за заштита на податоци внимателно би го следеле спроведувањето на регулативата и укажуваат на успесите во последните години во фаќањето сторители преку доброволно откривање на CSAM.

Предлогот мора да биде усвоен од Европскиот парламент и земјите членки, и токму тука лежи проблемот.

И покрај повеќекратни обиди во последниве години, 27-те земји членки сè уште не успеале да постигнат договор. Последниот обид го направи Данска, која моментално претседава со ЕУ, при што најспорен дел останува „контролата на четовите“.

Данското претседателство во понеделникот соопшти дека сè уште нема обезбедено доволна поддршка за гласање.

– Затоа заклучивме дека дискусиите подобро е да продолжат во следните недели, билатерално, меѓу земјите и страните, каде што треба да се обидеме да постигнеме компромис, изјави министерот за правда Петер Хумелгорд, додавајќи дека Данска изнела нов предлог-компромис.

Што предвидува CSAR?

Регулативата првпат беше предложена од Комисијата во 2022 година.

Според предлогот, онлајн-провајдерите, вклучувајќи чет-апликации, социјални мрежи и услуги за складирање податоци, би имале законска обврска да ја пребаруваат содржината на пораките и складираните датотеки користејќи алгоритми.

Провајдерите би морале да ги пријавуваат наодите за материјали поврзани со детска порнографија или злоупотреба на надлежните органи и да ги отстрануваат тие содржини.

Првичниот предлог бараше скенирање и на шифрирани и нешифрирани приватни пораки, но Парламентот предложи амандмани со кои би се заштитило шифрирањето, би се скенирала само јавна содржина и би се наложило обезбедување вградени функции за детска безбедност.

Што беше планирано?

Откако Парламентот ја усвои својата позиција во 2023 година, земјите членки повеќепати се обидоа – и не успеаја – да постигнат договор.

Привремената регулатива што овозможува доброволно откривање на CSAM е продолжена до април 2026 година, за да има континуитет додека се работи на трајно решение.

Новиот дански предлог вклучува неколку заштитни мерки:

Само слики и линкови, а не текстуални пораки, би биле предмет на скенирање.
Системот би се активирал само по одлука на независен судски или административен орган.
– Мора да бидеме многу јасни: Според овој предлог, нема да има општо следење на онлајн-комуникациите. Нема да постои нешто што се нарекува „контрола на четовите“, изјави портпаролот на Комисијата Маркус Ламерт. „Ова е за заштита на нашите деца од страшно злосторство што сè повеќе се случува онлајн“, додаде тој.

Но, бидејќи компромис не е постигнат, наместо гласање, преговорите меѓу земјите ќе продолжат.

Зошто е спорно?

Предлогот се соочува со широко противење – не само од некои земји членки, туку и од органи за заштита на податоци, технолошки компании и граѓански организации. Дури и групите за заштита на децата се поделени.

Главната загриженост е дека законот би можел да отвори врата за масовен надзор.

– Неоснованото следење на четовите мора да биде табу во уставна држава, изјави германската министерка за правда Штефани Хубиг.

Противниците ја преплавуваат ЕУ со пораки во рамките на кампања за влијание врз дебатата.

Платформата X на Илон Маск го нарече предлогот „опасен“ и ги повика Германија и Полска да продолжат со отпорот за да „се избегне масовен надзор од страна на владите и сериозно нарушување на безбедноста на корисниците“.

Апликацијата Signal ја осуди регулативата, нарекувајќи ја „крај на правото на приватност во Европа“ и се закани дека ќе ја напушти ЕУ ако предлогот биде усвоен.

Meta, матичната компанија на WhatsApp, исто така предупреди дека предлогот ги загрозува приватноста, слободата и дигиталната безбедност.

Ставот на Германија: „Nein“

Многу зависи од Германија. Без нејзиниот глас, предлогот нема потребно мнозинство според правилото за квалификувано мнозинство во ЕУ.

За усвојување се потребни 15 од 27 земји, кои заедно претставуваат најмалку 65 отсто од населението на ЕУ.

Германската влада е против недискриминаторна контрола на четовите.

– Тоа би било како превентивно отворање на сите писма за да се провери дали има нешто незаконско во нив, изјави Јенс Шпан од Христијанските демократи. „Тоа е неприфатливо, и нема да го дозволиме“, додаде тој.

Полското Министерство за дигитални работи исто така се спротивстави на масовното скенирање на приватни комуникации, но поддржа ефикасни мерки против CSAM.

Полските пратеници нагласија дека треба да се задржи рамнотежа меѓу борбата против CSAM и заштитата на основните права на корисниците, вклучително и правото на приватност и безбедност, како и интегритетот на енд-ту-енд шифрирањето.

Премиерот на Чешка, Петр Фијала, во септември изјави: „Верувам дека мора да ја заштитиме приватноста и слободата на секој граѓанин“.

Словенија и Португалија исто така изразија противење поради загриженост за приватноста.

Од друга страна, Шпанија го поддржува компромисниот предлог, тврдејќи дека жртвите заслужуваат правда. Мадрид предупредува дека злоупотребата на деца на интернет расте и дека се потребни нови алатки за борба против тоа, но со целосна правна гаранција и почитување на основните права.

Франција, Данска и Шведска се меѓу оние кои се наклонети кон предлогот или се неодлучни, додека Белгија сè уште нема заземено став.

– Решението мора да биде избалансирано и пропорционално, изјави белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Кантен.

Ризикот останува

Додека дебатата продолжува, активистите за заштита на децата предупредуваат дека децата остануваат во ризик.

Според организацијата Eurochild, во 2023 година биле откриени повеќе од 100 милиони слики и видеа со сексуална злоупотреба на деца, околу 270.000 дневно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни