Цените на нафтата денеска се намалија на меѓународните пазари и се приближија до нивото од 60 долари по барел, откако вниманието на инвеститорите беше насочено кон американскиот план за продажба на блокираната венецуеланска нафта.
На лондонскиот пазар, цената на барелот попладнево беше пониска за 54 центи во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 60,16 долари. На американскиот пазар, барелот поевтини за 87 центи и се тргуваше по цена од 56,26 долари.
Трамп: Ќе ја продаваме нафтата од Венецуела
Пазарите реагираа на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека Соединетите Американски Држави планираат да ја продаваат венецуеланската нафта.
Американските сили, во ноќта меѓу петокот и саботата, извршија воена операција во Венецуела, при што беше заробен претседателот на земјата, Николас Мадуро, кој треба да се соочи со обвиненија за „наркотероризам“ пред американски суд.
Вашингтон соопшти дека нема загинати американски војници, додека венецуелските власти сè уште не го потврдиле конечниот број на жртви. Според воени извори, загинале 23 венецуелански војници, а Куба извести дека во нападот загинале 32 припадници на нејзините воени и разузнавачки служби.
На прес-конференција во саботата, Трамп изјави дека има намера да „управува“ со Венецуела и нагласи дека САД сакаат да ја продаваат венецуеланската нафта, која моментално е под американски санкции и блокада. Поради преполнети складишта, Каракас веќе ја намали производството.
„Нафтата ќе се продава по пазарна цена“
Во ноќта меѓу вторник и среда, Трамп објави дека е постигнат договор со Каракас за испорака на венецуеланска нафта во САД.
Според најавата, Венецуела ќе „предаде“ меѓу 30 и 50 милиони барели санкционирана нафта на Соединетите Американски Држави.
„Нафтата ќе се продава по пазарна цена, а средствата ќе бидат под моја контрола како претседател на САД и ќе се користат во корист на народот на Венецуела и на Соединетите Држави“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Венецуелските власти и државната нафтена компанија PDVSA засега не дадоа официјален коментар. Во меѓувреме, претседателската функција ја презеде потпретседателката и министерка за нафта Делси Родригез.
Според податоците на Ројтерс, Венецуела досега ја продавала нафтата од клучната марка Merey по цена пониска за околу 22 долари од лондонските берзански цени, што значи дека вредноста на оваа трансакција изнесува најмногу 1,9 милијарди долари.
Само „Шеврон“ извезува венецуеланска нафта
Во моментов, венецуеланска нафта во САД извезува исклучиво американската компанија „Шеврон“, со дозвола од Вашингтон и во партнерство со венецуелската државна компанија.
„Шеврон“ досега дневно испорачуваше меѓу 100.000 и 150.000 барели нафта и е единствената компанија што во изминатите недели извезуваше нафта од Венецуела под американска блокада.
Според извори на Ројтерс, во почетната фаза ќе биде потребна промена на дестинациите, бидејќи дел од нафтата претходно била наменета за Кина.
Одделно, податоците на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажуваат дека барелот од кошничката на нафта на нејзините членки во вторникот поскапе за 83 центи и достигна цена од 59,61 долар.
