Годишно во светот се произведуваат 460 милиони тони пластика, а тој број последните 10 години се дуплираше и не покажува тренд на намалување, велат од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) по повод Светскиот ден за заштита на околината на ОН.
Од 200 до 2019 година тој број е повеќе од дуплиран и нема знаци за пад на производството на пластика, па ако не се преземат никакви мерки, глобалното производство ќе се триплира до 2060 година, достигнувајќи 1.231 милиони тони пластика.
Според ОЕЦД, 5 години е максималниот животен век на речиси 2/3 од пластиката која се произведува секоја година. Претежно користена за пакување храна (31%), текстил и стока за широка потрошувачка (20%), таа пластика често завршува како отпад после една или само неколку употреби.
Во целиот свет во 2019 година биле произведени 353 милиони тони пластика. Уделот драстично варира од земја до земја: 21% доаѓа од САД, 28% доаѓа од други земји-членки на ОЕЦД, а 19% доаѓа од Кина и 5% од Индија. Останатите 27% доаѓаат од остатокот од светот.
Просечната количина пластичен отпад произведена по лице годишно во Европа е 35кг, пренесува Евростат. Таа бројка одговара на отприлика 1.000 шишиња од 500 мл. Вкупно годишно во Европа се произведуваат околу 30 милиони пластичен отпад.
Само 9% од пластичниот отпад на глобално ниво бил рециклиран, половина од останатиот отпад завршил на одлагалиште, а 22% завршува во природата или се спалува на отворено. Вкупно 22 милиони пластични предмети завршуваат во природата секоја година.
Во глобалната емисија на стакленички гасови во 2019 година пластиката придонела со 3,4%, велат од ОЕЦД. Освен што значително придонесува за загадувањето, пластиката значително ги влошува и климатските промени. Ако продолжи употребата на се повеќе пластика, како што се предвидува, емисијата на гасови од пластиката ќе сочинува 15% од вкупната емисија на јаглерод диоксид до 2050 година.
Се проценува дека од 400.000 до 1 милион луѓе годишно умираат во земјите во развој од болести поврзани со лошо третирање на отпадот, посебно од отровните пареи кои се испуштаат при согорувањето пластичен отпад.
Според ОЕЦД, од 1970 до 2019 година во водите во светот се насобрале 139 милиони тони пластика, од кои 109 милиони тони се во реките и езерата, а 30 милиони тони се во океаните. Се проценува дека секоја минута во океаните завршува еден камион пластика.
Една австралиска студија објавена во 2019 година покажа дека секоја недела луѓето „јадат“ по 5 грама пластика, што е еднакво на една кредитна картичка.
Извор: n1info.rs