Астероидот 2024 YR4 се искачи на врвот на листата можни кандидати за судар со Земјата, откако беше откриен во декември од страна на телескоп во Чиле, поради што за прв пат се покренати постапки за планетарна одбрана.
Со дијаметар од 100 метри, астероидот беше детектиран на 27 декември минатата година, а досегашните мерења и анализи покажале дека има 1,3 проценти шанси да се судри со Земјата на 22 декември 2032 година.
Тоа и понатаму остава скоро 99 проценти шанси да помине безбедно покрај нашата планета.
„Најверојатно ќе помине безбедно покрај нас. Сепак, ќе мораме да му посветиме малку повеќе внимание со телескопи за да ја потврдиме оваа претпоставка. Што подолго ја следиме неговата орбита, тоа ќе бидат попрецизни предвидувањата“, објаснува професорот по планетарна астрономија, Колин Снодграс.
На Торинската скала новиот астероид доби оценка три, што укажува дека потенцијалната блиска средба заслужува повеќе внимание од астрономите, бидејќи има повеќе од еден процент шанси за судар во следната деценија.
Торинската скала се движи од нула (кога не постои ризик) до 10 кога сударот е сигурен и претставува закана за иднината на човештвото.
Единствениот астероид кој добил повисока оценка бил Апофис, кој беше откриен во 2004 година и оценет со четворка, но неговата оценка подоцна била намалена кога било утврдено дека не претставува закана, барем во следните 100 години.
Професорот по планетарни науки на Кралскиот колеџ во Лондон, Гарет Колинс, вели дека зголемувањето и подобрувањето на надзорот на објекти блиски до Земјата ќе ја направат детекцијата на слични астероиди многу почеста.
„Во овој момент, најдоброто нешто што можеме да го направиме е да продолжиме да го следиме астероидот колку што е можно подолго за да можеме да ја предвидиме неговата патека“, вели Колинс.
Детекцијата на астероидот активираше две групи на ООН за вакви сценарија.
Првата е Меѓународната мрежа за предупредување од астероиди која ќе продолжи да го следи астероидот и да ја утврдува неговата орбита.
Освен неа, Групата за планирање на вселенски мисија е исто така алармирана.
Таа може, ако се утврди дека е потребна понатамошна акција, да предложи план како да се отклони астероидот од патеката по која се движи.