Ова е планот на Европа за одбрана на Гренланд: четири можни сценарија

По заканите на Доналд Трамп за преземање на Гренланд, европските влади ја разгледуваат реалната можност за конфронтација, од дипломатски компромис до воено присуство.

Заканите на Доналд Трамп за можноста Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд повеќе не се сфаќаат како празна реторика. Според европски дипломатски извори, политичкиот врв во Брисел и главните европски престолнини сè посериозно ја разгледува можноста за директна конфронтација со Вашингтон, пишува Politico.

Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наредната недела ќе разговара со дански претставници за можноста за американска аквизиција на Гренланд. Белата куќа порача дека претпочита преговори, но дека не ја исклучува ниту воената опција.

Заеднички европски одговор

Како реакција, европските дипломатски активности значително се интензивираа. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека со своите колеги од Германија и Полска разговарал за заеднички европски пристап.

„Во прашање е тоа како Европа и ЕУ можат да се зајакнат за да ги одвратат заканите кон сопствената безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба, ниту за преземање – и затоа заканите мора да престанат“, изјави Баро.

Според соговорници на Politico, чувството на беспомошност е широко распространето. „Сите сме шокирани и свесни колку ограничени алатки навистина имаме. Никој не знае што точно да направи, а времето не работи за нас“, изјавил поранешен дански пратеник.

Опција 1: Компромис преку преговори

Трамп ја оправдува својата позиција со тврдења за витални безбедносни интереси на САД и ја обвинува Данска дека недоволно го штити Гренланд од засиленото кинеско и руско присуство на Арктикот. Затоа, компромисно решение што би му овозможило да се прикаже како победник, а Данска и Гренланд да го зачуваат достоинството, се смета за најбрз излез од кризата.

Поранешен висок функционер на НАТО предложил Алијансата да посредува, по примерот на претходни спорови меѓу Турција и Грција. Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека администрацијата на Трамп смета оти Гренланд не е адекватно обезбеден.

Опција 2: Финансиска офанзива кон Гренланд

Администрацијата на Трамп отворено го поддржа движењето за независност на Гренланд, со идеја островот, по одвојувањето од Данска, да склучи договор со САД. Како одговор, Европска комисија планира повеќе од двојно зголемување на финансиската поддршка за Гренланд од 2028 година, до 530 милиони евра во период од седум години, со дополнителни средства од европските фондови.

Опција 3: Економски притисок врз САД

Европската унија располага со Инструментот против присила – механизам што ѝ овозможува да возврати на трговска дискриминација. „Имаме извоз во САД од над 600 милијарди евра, а кај третина од тие производи имаме доминантен пазарен удел“, изјави Бернд Ланге, нагласувајќи дека тоа претставува реална моќ во рацете на Унијата.

Опција 4: Воено присуство

Во случај САД да се одлучат за воена интервенција, Европа би имала многу ограничен маневарски простор. Сепак, некои дипломати сугерираат дека европските земји, на барање на Данска, би можеле да распоредат симболични сили на Гренланд со цел да ја зголемат цената на евентуална американска акција и да делуваат како средство за одвраќање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни