Германската индустрија за пиво се соочува со сериозна криза и бран можни затворања на пиварници во наредните години, предупредува извршниот директор на баварскиот производител на пијалоци Oettinger, Стефан Блашак.
„Пиварниците ќе паѓаат како муви од ѕидот. Светот на пиварниците се распаѓа. Речиси секој ден гледаме банкрот на помали пиварници, а тоа ќе почне да ги погодува и поголемите производители“,
изјави Блашак за весникот Augsburger Allgemeine.
Според него, продажбата на пиво во Германија досега се намалувала за 2 до 3% годишно, но во 2025 година е забележан драстичен пад од 7 до 7,5 проценти.
Само во првата половина од годината, домашниот пазар изгубил околу 2,6 милиони хектолитри, што одговара на потрошувачка од приближно три милиони лименки дневно, пренесува весникот Oberösterreichische Nachrichten.
Силен удар и за големите производители
Годишниот извештај на трговецот со хмељ BarthHaas покажува дека пет од шесте најголеми германски пиварници произведеле помалку пиво во 2024 година споредено со претходната.
Oettinger, една од водечките пиварници, е меѓу најпогодените и веќе донесе одлука за затворање на една од своите четири фабрики – производствениот капацитет во Брауншвајг.
„Одлуката е исклучително болна. Луѓето таму завршија извонредна работа“, додаде Блашак.