Најпрестижниот тениски турнир на светот, Вимблдон 2025, е во полн ек – но додека љубителите на тенис уживаат во мечевите на светската елита, многумина останаа вчудовидени од цените на храната и пијалаците во рамки на настанот.
Под жешкото лондонско сонце, освежувањето не е само потреба – туку и луксуз.
Колку чини чаша пиво?
Најголемата бура на реакции ја предизвика токму пивото, кое се служи во обична пластична чаша, но по цена од 8,85 фунти (над 600 денари). За споредба, истото пиво во 2023 година чинело 7,55 фунти, што значи дека за само две години цената е зголемена за речиси 20%.
На социјалните мрежи, посетители коментираат дека “само милионер може да се напие на Вимблдон”, алудирајќи на сè поскапите цени кои го прават уживањето во настанот финансиски предизвик.
А љубителите на вино и коктели?
- Чаша вино (бело, црвено или розе, 187 мл) чини 10,20 фунти (околу 720 денари).
- Иста цена има и чаша џин-тоник од брендот Sipsmith.
- Безалкохолните пијалаци не се ништо поевтини:
- Флаширани сокови Frobishers – 4,20 фунти (околу 300 денари)
- Coca-Cola или Sprite – 2,75 фунти (200+ денари)
А ако огладнете?
- Топлите пецива стигнуваат и до 6,80 фунти (околу 500 денари)
- Грицките се движат околу 5 фунти, во зависност од брендот и пакувањето.
Вимблдон – спектакл за очи, но товар за паричникот
Посетителите на Вимблдон одамна знаат дека станува збор за елитен спортски настан, но оваа година многумина чувствуваат дека цените излегле од контрола. Со билети што се резервираат месеци однапред и со толпа од илјадници луѓе секој ден, организаторите очигледно не се грижат премногу за достапноста на храната и пијалаците за „обичниот посетител“.
„Ова не е спорт за сите, ова е луксузен пикник на трева,“ коментира еден корисник на Твитер. Друг додава: „Повеќе чини пивото отколку некои тениски рекети!“
Без разлика дали ќе навивате за Новак, Свјонтек или Алкарас – бидете подготвени да платите, не само за влезница, туку и за голтка пиво. За жал, сепак нема ништо бесплатно на тревата во Вимблдон.