Истовремено, тие побараа меѓународна поддршка за обновување на уставниот поредок во земјата и влијание врз претседателот Александар Вучиќ да распише вонредни избори.
Во писмото испратено до шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат, и амбасадорката на Франција, Флоранс Ферари, професорката по пејачка уметност на Факултетот за музичка уметност во Белград, Катарина Јовановиќ, навела дека Хрка, која штрајкува со глад од 2 ноември, „умира само неколку метри од главното скалиште на Собранието на Србија“.
Јовановиќ потсетува дека причината за штрајкот е барањето за вистината за смртта на нејзиниот син Стефан и уште 15 други граѓани, кои загинале кога реконструираната настрешница на железничката станица во Нови Сад се урнала на 1 ноември 2024 година.
Во писмото се наведува дека иницијативата е „болно свесна“ дека судбината на Хрка е во рацете на човек кој, според нив, повеќепати покажал дека нема чувство на одговорност за трагедиите кои се случиле за време на неговата власт. Јовановиќ, која е и носител на орденот Легија на честа, нагласува дека ЕУ, фон Бекерат или Ферари можат да помогнат за да се спречи „уште една човечка загуба“.
Дијана Хрка – 13 дена на штрајк со глад
Во писмото се посочува дека Хрка штрајкува 13 дена и дека само минимални мерки биле преземени за одржување на нејзиниот живот по нејзиното кратко прифаќање медицинска помош. Таа се вратила во малиот шатор на раскрсницата меѓу Таковска, Улицата Кнез Михајло и Булеварот Крал Александар, каде ги поминува студените ноќи на температура од само пет степени Целзиусови.
Јовановиќ наведува дека институциите на ЕУ, како и дипломатите на Унијата и Франција, се целосно информирани и „длабоко загрижени“ за правецот во кој се движи Србија.
„Институциите се заложници на еден човек“
Иницијативата предупредува дека ниту една институција не функционира независно, туку дека сите се подредени на целта за одржување на власта на претседателот. Како доказ наведуваат дека падот на настрешницата и опструкцијата на истрагата по трагедијата ја разоткриле состојбата „надвор од секоја сомнеж“.
Во писмото се оценува дека актуелната политичка ситуација е сериозна закана за стабилноста на Србија, регионот и Европа. Поради тоа, Унијата се повикува да ѝ помогне на Србија во повторното воспоставување на уставниот поредок.
„Бараме ваша поддршка и притисок врз претседателот на Србија да распише вонредни парламентарни избори. Тоа е барањето на Дијана Хрка, но и на студентите и граѓаните од мај 2025 година. Тоа е и нашето барање – пред да биде предоцна“, се наведува во писмото.
Извор: N1info.rs
